Вести Македонија

Кос и Жељазков не ја споменаа Македонија, но Западниот Балкан треба да е во ЕУ

Бугарија игра активната улога во пристапниот процес на земјите од Западниот Балкан и без интеграција на земјите од регионот, проектот ЕУ нема да биде завршен. Ова е сублимираната порака која од Софија ја испратија еврокомесарката за проширување, Марта Кос и бугарскиот премиер, Росен Жељазков, кои игнорирајќи го „слонот во собата“, за време изјавите по средбата ниту еднаш не ја споменаа Македонија.

„Позицијата на Бугарија е јасна и конзистентна. Го поддржуваме европскиот пат на секоја држава од Западниот Балкан, преку водење од принципите на индивидуален пристап и постигнатиот напредок. Сметаме дека посветеноста кон реформите треба да биде двострано и од страна на кандидатките, но и од страна на ЕУ. Неопходна е предвидливост, чесност, јасност и дијалог“, изјави бугарскиот премиер Жељазков.

Според него, интеграцијата на западниот Балкан не е прашање на бирократска проценка, туку стратешки избор.

Кос, пак, без да ја спомене Македонија, порача дека историјата не треба да ги разделува народите.

„За тоа да успее, потребно е размислувањето да биде далеку од раните на минатото и да погледне кон можностите на иднината. За тоа ќе биде потребно лидерство коe ќе спроведе трансформативни реформи, инволвирајќи го целото наше општество. Нашите богати и различни историски искуства не треба да нè разделуваат, туку да нè обединуваат под знамето на ЕУ и да нѝ овозможи да создадеме слободни заедници врз основа на европските вредности“, изјави Кос.

Таа притоа порача дека е тоа можно, посочувајќи го примерот на Словенија, која пристапувајќи во ЕУ ги решила билатералните прашања со соседите.

Иако Македонија во официјалните изјави не беше спомената, Кос вчера најавувајќи ја посетата на Бугарија изјави дека таа е лично ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија која ја кочи Македонија на патот кон ЕУ, наведувајќи дека никој не може да ѝ даде гаранција на земјава дека уставните измени се последното билатерално барање до неа.

Дека Македонија била тема на средбите на Кос во Софија, потврда стигна од бугарската потпретседтелка, Илијана Јотова, која пред средбата со Кос изјави дека на еврокоесарката ќе и го соопшти ставот на Бугарија за Македонија и оти дебатата по ова прашање се искривува.

„Има обид на нашите колеги од Република Северна Македонија да ги претстават нормалните барања на Бугарија за почитување на европските критериуми, како каприц од наша страна, и освен тоа се обидуваат да ги стават во рамки на билатерална блокада, што не е точно“, изјави Јотова.

Кос најави дека по средбите со бугарските колеги, ќе ги контактира и македонските политичари.

Во Македонија, пак, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани во „Топ тема“ синоќа изјави дека во Брисел има голема посветност за изнаоѓање на решени за Македонија, но оти оди лесно директното воспоставување на контакти со новата бугарска влада.

„Не дека нема обид, не дека нема комуникација дури и си посредство на ЕК, меѓутоа тој процес ќе биде малце побавен од тоа што ние сме го замислиле“, изјави Муртезани.

Муртезани не даде конкретна временска рамка колку време ќе биде потребно да се придвижат работите во контекст на прашањето со Бугарија.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тошковски: Се надеваме дека за краток период ќе се затвори истрагата за пожарот во Кочани

Дејан Дејан

„Алчноста ни ги уби децата“ – Нов марш за правда за жртвите во пожарот во Кочани. Семејствата незадоволни од истрагата

Дејан Дејан

Доларот во пад додека реципрочните царини меѓу Кина и САД без епилог

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе