Различен степен на воведена информатичката технологија во работата и комуникацијата со читателите, недостаток на е – изданија од лектирите за основните и средни училишта, белетристиката и друга стручна литература и недостаток на информатички вештани и медиумска писменост на вработените, се проблеми за кои алармираат од НУ Библиотека „ Григор Прличев “, од Охрид. Според нив со вакви проблеми се судираат библиотеките ширум државата, а особено дошле до израз во периодот на пандемијата, потенцираат од охридската библиотека.
- Во Северна Македонија ретко и на прсти можат да се избројат библиотеките чии веб и фејсбук страници на пример се ажурираат еднаш или повеќе пати во неделата. Истото се однесува и со користењето на видео технологијата, Јутјуб каналите и слично. Треба да се обучат тимови за работа во вакви состојби на епидемија и несакани природни катастрофи, велат од библиотеката „ Григор Приличев“ ,од Охрид.
Од таму информираат дека откако во средината на март 2020 година, со првиот бран заболени од Ковид-19, тие како национална установа, со одлука на Владата на РСМ биле затворени за читателите, но дел од вработените работеле од дома, а дел оделе на работа со ротации. Во тој период ја изработиле новата веб страница https://bibliotekaohrid.mk/, со аудио, видео и печатени содржини, како и со идните е- книги. Интерактивниот карактер на веб страницата придонел да не се прекине контактот со читателите и другите корисници. Во исто време го вовеле и Кобис системот и новиот начин на регистрација на членовите . Сето тоа им помогнало да се зголеми интересот за читање и позајмување книги. Тоа особено дошло до израз откако библиотеките , па и охридската, од почетокот на јули минатата година, со примена на здравствените протоколи повторно се достапни за јавноста .
- Точно е дека повеќе се чита оваа година. Читателите земаат лектири, романи, стручна литература. Најверојатно поради пандемијата луѓето не сакаат да се движат, да шетаат, и затоа седат дома и читаат книги. Бројот на читатели е над 3.000, а ги има од 7 до 77 години. Има и многу пензионери кои читаат, буквално доаѓаат со список на книги кои сакаат да ги земат и да ги читаат“, вели Гордана Змејковска, директорката на библиотеката „Григор Прличев“. „Новото нормално“ трае веќе една година. И не се знае до кога. Тоа треба да ни е поука и поттик да ја развиваме креативноста, но и професионалноста во нашите установи, дополнуваат од охридската библиотека „ Григор Прличев“. .