Вести Македонија Најважни

Државата потрошила 8,5 милиони евра за автомобили, најскапото е на Шуто Оризари од 55.000 евра – истражување на ЦГК

Државните институции набавиле нови патнички возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг за две години (2023 и 2024 година). Меѓу нив се и 45-те владини возила, секое по 50.000 евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели, покажуваат резултатите од истражувањето што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Истражувањето открива дека најскапо набавено возило од 55.000 евра е на Општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила, па го раскинала договорот за возило од 63.000 евра.

„Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра. Омилен бренд на функционерите им е Шкода, од која е набавено секое трето возило. Најмногу возила, 82, набавиле Електрани на Северна Македонија. На дури 70 % од тендерите за набавка на возилата имало само по една понуда, а најголема вкупна вредност на склучени договори имаат фирмите Порше лизинг и Аутомотив груп, секоја по околу 2,8 милиони евра за две години“, покажуваат резултатите од истражувањето.

Во објавеното истражување од ЦГК се наведува дека државните институции во 2023 и 2024 година набавиле 269 нови патнички возила и за нив потрошиле 8.543.658 милиони евра. Дел од институциите ги купиле возилата, а друг дел ги набавиле на лизинг, најчесто оперативен, што значи дека по истекот на периодот на лизингот треба да ги вратат, иако за возилата плаќаат како да ги купиле. Нови возила набавиле 44 институции, а склучени се вкупно 72 договори за јавни набавки. Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра.

„Најскапи возила, од по 55.000 евра, набавиле Општина Шуто Оризари, Државна видеолотарија, Општина Битола и Комуналец Кавадарци. Убедлив рекордер ќе беше Општина Прилеп која во декември 2024 година склучила договор за набавка на лизинг на возило од 63 илјади евра. Но, како што тврдат од општината, договорот е раскинат во февруари оваа година и возилото не е земено. Сепак, на Електронскиот систем за јавни набавки не е објавено раскинувањето на овој договор“, се вели меѓу другото во истражувањето.

Анализата ги опфаќа возилата кои се набавени во текот на 2023 и 2024 година, и се однесува само на патничките возила, а не и на комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила. Сепак, се додава во објавеното истражување, во базата на податоци за овие набавки којашто е дел од истражувањето, освен за патничките, се наоѓаат и договорите за набавка и на комерцијалните и на половните возила.

„Поединечно по институции, најмногу возила набавиле Електрани на Северна Македонија, 82 возила за вкупна вредност од 2,2 милиони евра. Исто толку пари, но за речиси двојно помалку возила, има потрошено и Владата, преку Службата за општи и заеднички работи, за набавката на лизинг на 45 возила, секое по 50.000 евра. Следно на листата е Министерството за внатрешни работи, кое набавило вкупно 28 возила за 900.000 евра. По повеќе од половина милион евра за нови возила потрошиле Агенцијата за национална безбедност, за набавени 23 возила, и Водостопанство, за набавени 15 возила“, соопштија од ЦГК.

Шкода е „омилена“ марка на функционерите дури 90, односно една третина од сите набавени возила во двегодишниот период на анализа, од марката „Дачиа“ се набавени 78 возила. Следна марка според бројот на набавени возила е „Пежо“ со продадени 45 патнички автомобили.

Во истражувањето за периодот 2013-2015 година, просечната цена на набавените службени возила изнесувала околу 16.000 евра, а во последните две години, просечната цена на набавените возила изнесувала околу 32.000 евра.

Како што стои во објавеното истражување од Центарот за граѓански комуникации посебно внимание предизвикува набавката на т.н. владини возила, односно возилата на највисоките функционери во државата што ги набавува Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР). Почнувајќи од 2012 година, се посочува, СОЗР ги набавува овие возила во коишто се возат највисоките државни функционери по пат на т.н. оперативен лизинг, односно ги изнајмува за период од три години по којшто ги враќа и набавува нови.

„Последната ваква набавка се спроведе минатата година, кога беа набавени 45 возила по цена на лизингот за едно возило од 50.437 евра. И овој пат се набавија возила од марката Шкода Суперб. За прв пат откако Владата набавува вакви возила според оваа постапка, просечната цена на едно возило достигна рекордни 50.437 евра. Според информациите од владината Служба за општи и заеднички работи, 45-те Шкоди Суперб земени на тригодишен лизинг по цена од 50.437 евра за едно возило, ги користат највисоките сегашни и поранешни функционери во државата“, се вели во истражвуањето и се додава дека ги користат едно возило претседателката на државата, четири возила поранешните претседатели на државата, три возила Собранието на Северна Македонија, едно возило користи претседателот на Уставниот суд.

Владата на Северна Македонија користи пет возила, поранешните премиери Талат Џафери и Димитар Ковачевски користат две возила, замениците на премиерот и владините министри користат 22 возила, шефот на кабинетот на Премиерот, генералниот секретар на Владата, заменикот генерален секретар на Владата и директорот на Служба за општи и заеднички работи, користат по едно возило и Служба за општи и заеднички работи користи три возила.

Според информациите од СОЗР, четирите возила за поранешните претседатели ги користат Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Вилма Трајковска и Стево Пендаровски.

Трите возила за Собранието, стои во истражвуањето, ги користи претседателот на Собранието, Африм Гаши при што едното возило е за него, а другите две се за неговиот „ескорт“.

„Од петте владини возила, три се за премиерот, односно едно за него и две за неговиот „ескорт“ и две се за владиниот протокол. Трите возила на СОЗР, пак, се користат од Секторот за превоз и одржување на моторни возила, за „опслужување на странски делегации министерства“, соопштија од Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето е спроведено врз основа на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки и од податоците добиени од државните институции. Во истражувањето, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации ,се опфатени само набавките на патнички возила и не се опфатени т.н. комерцијални возила, односно товарните, работните и возилата од технички карактер. Исто така, вклучени се само новите возила, а не и набавените половни возила.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВО САБОТА ПО ВТОР ПАТ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ГОЛЕМИОТ ЕКО-НАСТАН VIVAX ЧИСТКА НА ВОДНО

Дејан Дејан

Дел од роднините на средба со обвинителите по одговори за истрагата

Дејан Дејан

Втора интерпелација за Тошковски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе