Во резиденцијата на Турската амбасада во Скопје низ изложба и работилница на еден креативен начин беа претставени корените на турската рачна уметност, како што се ебру, изработка на релјеф во хартија и калиграфија.
„Нашите традиционални уметности оставиле длабоки и древни траги во регионите со кои сме имале интеракција низ историјата и овие белези се особено значајни за културната дипломатија“, рече Шејма Нур Улусој, сопруга на амбасадорот на Република Турција во Скопје.
„Со придонес на Институтот „Јунус Емре“ – Турскиот културен центар, кој дејствува во Северна Македонија веќе 15 години, ја организираме оваа значајна работилница во која ќе имаме можност одблизу да се запознаеме со корените на турските уметности, како што се ебру, релјеф и калиграфија и да ја искусиме трансформацијата на трудот и трпението во еминентни уметнички дела“, изјави Шејма Нур Улусој, сопруга на амбасадорот на Република Турција.
„Секоја од овие уметности не нуди само естетика, туку и инспирација преку значењето и приказните кои ги наследуваат од минатото до денес. Ебру е уметност која може да се карактеризира како рефлексија на природата, создадена од танцот на водата и боите; релјефот го отсликува визуелното богатство, оформено со текстури, додека калиграфијата е ретка убавина во која писмото се спојува со уметноста“, додаде Шејма Нур Улусој.
Во рамки на денешната работилница беа претставени и курсевите на КОМЕК (Центар за стручно образование поддржан од Град Конја) кои во земјава се организираат од 2008 година, во Старата скопска чаршија, срцето на Скопје. Целта на курсевите е заживување на традиционалните турски уметности и споделување на знаењата со младите од земјава со која Турција има историско блиски пријателски меѓучовечки односи. Во рамки на КОМЕК центарот во Скопје се организираат курсеви по ебру, изведба на релјеф на хартија, декоративно украсување на чинија, декоративно украсување на дрво, ткаење и изготвување на аксесоари. КОМЕК воедно им овозможува на учесниците и учествување на изложби во Турција.
Уметноста на хартиени релјефи е уметност во која се стекнуваат знаења и вештини за подготовка на тродимензионални декоративни паноа, со примена на техника на сечење, пеглање и лепење на хартиени постери, согласно перспективните правила.
Уметноста на ебру е традиционална турска уметност која потекнува од османлискиот период и се изработува со вода и бои. Таа содржи елементи на трпеливост, префинетост, естетика и елеганција. Уметноста на ебру е незаменлив дел од турските традиционални уметности и е популарна и во Скопје.
Иако не постојат точни и јасни информации за историјата на ебру уметноста, се верува дека таа датира од туркиот регион Бухара во Узбекистан, преку Иран до Истанбул, каде што османлиите ја презеле и ја развиле.
Ебру се изработува со користење на бои на вода, која се згуснува со китрениот раствор. Создадените дезени потоа се пренесуваат на специјален хартиен материјал.
Калиграфијата може да се опише како уметност на убавото пишување. Нејзиното потекло се врзува за украсени и естетски стилови на пишување што биле користени во стари ракописни книги и документи. Калиграфијата вклучува визуелно атрактивно уредување на букви и зборови и обично се изведува со специјални пенкала, четки или други алатки за пишување.
Денес, калиграфијата се користи и во традиционалниот и во модерниот дизајн.
Нина Стефанова