Смените во Судскиот совет ќе бидат еден од приоритетите на владата и за годинава. Во новогодишното интервју за МИА, премиерот вели дека овој состав можеби има легалитет, но нема легитимитет кај граѓаните. Смета дека кадровскиот потенцијал што треба да го освежи ова тело, навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и институционална меморија зад себе, односно да има биографија и тежина, бидејќи, „ако едните се заменат со други, а останат истите навики и начинот на однесување, не е направено ништо“.
Можноста за разрешување на петмината членови во советот, што се именувани од Собранието, беше најавена пред Нова година, кога не беше усвоен нивниот извештај за работа. На ова реагираа експертите дека постапката е спротивна на Уставот и меѓународните стандарди, иако постојат многу основи за повикување на одговорност.
Покрај реформите во правосудството, во фокусот на владата се најавува и економијата, каде се очекуваат подобри економски параметри и раст на бруто домашниот производ.
Што се однесува на инвестициите во инфраструктурата,најавите се дека во сабота ќе биде пуштен експресниот пат Страцин – Крива Паланка, а до крајот на месецов и делницата од експресниот пат Градско – Фариш, како и првиот дел од пругата кон Бугарија, Куманово – Бељаковце.
Далиборка Демјанска Цветановска