Вторите култури стануваат поисплатливи за струмичките земјоделци. Наместо скапите инвестиции во раноградинарското производство, многумина се насочуваат кон овој тип производство коешто најчесто завршува како суровина во преработувачката индустрија, велат претставниците на земјоделците. Според нив за тоа има голем број причини а тоа е високата цена на чинење и незагрантираниот откуп.
Годинава раноградинарските производи поминаа со просечни цени, со исклучок на пролетната зелка којашто не се продаде и за која државата вети по три денари за килограм за предадена зелка на регистрирани откупувачки центри.
Актуелната пандемија покажа дека инвестирањето во производство на храна е клучно за земјите. Македонија се води како аграрна земја, но статистиките на локално ниво покажуваат дека се поголема површина обработливо земјиште останува необработено.
Македонското земјоделско производство последниве години се прилагодува и на климатските промени. Особено вторите култури коишто до неодамна се садеа на отворено, сега поради летните жештини мора да се заштитуваат во пластеници или со заштитна мрежа, а поради долгите сушни периоди се јавува потреба и од организирани системи за наводнување.
Сузана Мицева