Младите во земјава релативно порано стапуваат во прв сексуален однос во споредба со нивните врсници од европските земји, но и бројот на малолетнички раѓања е трипати поголем. Половина од девојчињата и третина од момчињата се соочуваат со психосоматски симптоми.
Ова се само дел од резултатите на истражувањата на невладината „Хера“, според кои состојбата со сексуалното и репродуктивното здравје и со социјалната благосостојба на младите е сè позагрижувачка. За потребите и можностите за натамошна интеграција на овие теми во образованието денеска стручни лица дискутираа со младите во Тетово.
Според психолозите, неопходно е да се зборува за ваквите табу теми и младите да ја добијат потребната поддршка.
Од Бирото за развој на образованието информираат дека е направена пилот програма за сексуалното образование да се воведе како изборен предмет.
На одржаната панел-дискусија „Колку се важни образовните програми за благосостојбата и менталното здравје на младите?“ беше истакнато дека состојбата е слична и во соседните земји.
Данијела Билбилоска