Единствениот обвинет кој не призна вина во истрагата „Империја“, а се гонеше за злоупотреба на службена положба и перење пари, е делумно ослободен од гонење од јавното обвинителството. Обвинителството минатата недела донело одлука да се повлече од двете дела против Цветан Панделевски во случајот „Империја“. OJO со овој чин ги потврди сите аргументи кои Панделевски ги објаснуваше пред јавноста и судот, односно дека не постои никаква злоупотреба на службена должност, дека не постои дело перење пари, исто така, дека не постојат оштетени акционери и дека воопшто нема направена штета на држава по ниту еден основ, вели одбраната на Панделевски во допис до медиумите.
„Со ниту еден доказ обвинителката Лиле Стефанова во целиот период од седум години од кога е започнат случајот, не објасни и не кажа за кое дело беше гонет Цветан Панделевски. Наместо објаснување од страна на Стефанова за целиот изминат период се случуваа закани и уцени дека ќе ги прошири делата и кон неговото најблиско семејство. Семејството Панделевски беше под притисок од страна на структури на моќ, целосно неповрзани со правните аспекти на предметот „Империја“, но притисоци кои направија непоправлива штета на компаниите на Цветан Панделевски“, се наведува во дописот до медиумите.
Јавното обвинителство се огласи по наводите на одбраната на Панделвски со образложение дека одново и во овој случај причина се законските измени во кривичниот закон по многу предмети завршија со повлекување или преквалификација.
„Во конкретниот случај, јавниот обвинител имајќи ги предвид измените на Кривичниот законик, како и насоките и упатствата на Апелацискиот суд Скопје при решавање во втор степен, за двајца обвинети во предметот „Империја“ го повлече обвинението во делот на Злоупотребата на службената положба и овластување по член 353, став 5, од КЗ, бидејќи искористување на службена положба и овластување, за кое одговараа обвинетите, со последните измени повеќе не е инкриминирано како незаконско во изменетиот член за злоупотреба на службена положба,“ се наведува во одговорот на јавното обвинителство.
Обвинителството се откажува и кривичното дело „Перење пари“ против Панделевски заради, како што велат, непостоење на предикативното дело од член 353, но судењето против него продолжува за кривично дело „Измама“ и за друго дело „Перење пари“, во случајот за наводна измама кон Кираца Трајковска.
Инаку Цветан Панделвски одделнието за борба против органзииран криминал и корупција го поврзуваше со фирмите опфатени во предметот „Империја“, „Ексико“, „Бетон Штип“ и „Финзи“, кои наводно биле вмешани во офшор шемите за перење пари, а на тој начин државниот буџет останал покус за 6,3 милиони евра.
Сашо Мијалков, осомничен во истрагата „Империја“ за перење пари, откако плати 30 милиони евра доби три години затвор, веќе е на слобода, бидејќи судот му ја прифати жалбата за прекин на престојот во затворот во Струга.
Истрагата „Империја“ беше отворена во 2018 година, во која бизнисменот Орце Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков беа првоосомничени, со уште 11 други лица, меѓу кои и газдата на „Пелистерка“, Цветан Панделески. Орце Камчев доби едногодишната затворска казна за „Империја“, кој исто така призна вина и се спогоди со Русковска, но заради поминатиот притвор во струшкиот затвор мина само четири месеци.
Павле Беловски