До сега беа луѓето на претседателот, но со изборот на Силјановска, станаа луѓе на претседателката. Досега по правило, првата смена со потпис на новиот претседател беше за директорската позиција во Агенцијата за разузнавање. Но, сега има нов закон кој гарантира 4-годишен мандат на директорот. Силјановска вели немам предлог, а исто така изјави дека долго ќе размислува и за останатите позиции кои таа лично треба да ги пополни.
Директорското место во Агенцијата за разузнавање е една од позициите кои ги пополнува директно Претседателот на Републиката. Во моментот, директор е Еролд Муслиу, кого Силјановска директно го критикуваше дека станал директор без полиграфско тестирање. Но, со новиот закон за Агенцијата, сега е воведен 4-годишне мандат за директор на Разузнавање и тој мандат не е врзан со претседателксиот мандат и директно со претседателот.
Муслиу кој е долгодишен оперативец и менаџер во Агенцијата лани во мај го почна новиот 4-годишен мандат, а за да биде сменет треба да или да ги прекрши законите или сам да замине. Силјановска тврди дека нема предлог за смена.
-Немам нов предлог. Зошто? Бидејќи мислам, дека од тоа што го видов не му е истечен мандатот.Ако не ви е истечен мандатот само доколку направите некакви повреди тогаш може да бидете сменет. Значи мандатот му тече. Јас не знам се уште и не може да откријам дали имало некакви повреди. Значи кога ќе дојде времето или кога ќе истече мандатот, а тој не е истечен. Или ако има некои други причини за предвремен престанок на мандатот, тогаш би можела јас да размислувам, одговори претседателката Силјановска.
Вообичаено, директорот на Агенцијата за разузнавање беше првото име кое секој нов претседател го објавуваше, но засега нема податоци кога ќе биде таа смена.
Новата претседателка тврди сакам да размислувам долго за решенијата кои исто така се во нејзин ресор, како тројца членови на националниот совет за бебзедност и составот на Комисијата за помилување.
-Уште и кабинетот не е докомплетиран. Јас како што се сеќавате Ви реков дека ми треба подолго време да размислувам и за советот за безбедност, тројцата луѓе, и за комисијата за помилување. Би сакала тоа што го ветував, врвни правници со преференција на жени, изјави претседателката на државата.
Силјановска првата поголема функција ќе ја додели на 18-ти август кога на сегашниот началник на Генералштабот генералот Васко Ѓурчиновски му завршува вториот мандат и таа како врховен командант ќе може и ќе мора да го избере името и да назначи нов началник на Армијата.
Миомир Серафиновиќ