Голем број граѓани дојдоа пред полициските станици во Ѓорче Петров и во Карпош за да си ја подигнат новата лична карта. Можност што МВР ја најави од денеска, а со која наместо да биде доставена на домашна адреса, граѓаните ќе може да си ја подигнат личната карта во полициската станица според местото на живеење. Но, во полициската станица Ѓорче сите граѓани кои ги анкетиравме ни кажаа дека личната карта не им е готова и треба повторно да дојдат.
„За лична карта дојдов. Ја чекам од 29 јануари. За пасоши нема обрасци за ова што нема, луѓе ли нема? Значи, месец ипол чекам и ми кажаа оди во полициска станица во Ѓорче и тука сега ми велат дека не е готова.“
„Дојдов да подигнам лична карта меѓутоа ми кажаа дека не е готова и треба повторно да се обратам таму каде што сум се сликал во МРТВ, а тие од таму ми велат оди во матичната полициска станица. Сликан сум на 15 декември, две недели пред Нова година. Не знам што е работава само си играат со нас да одиме натака-навака.“
„Ми кажаа дека не е готова и не знаат кога повторно да дојдам. Истото го кажаа и за сопругата.“
„Ми кажаа дека сè уште не е дојдена овде во полициска станица. Инаку, најверојатно е готова.“
Слична беше ситуацијата и во полициската станица во Карпош. Од сите кои дојдоа по лична карта, само еден се врати дома со неа. Останатите остануваат во исчекување.
„Дојдов за лична карта ми кажаа дека не е готова и дека за две недели ќе ја донесат. Јас верувам дека е готова затоа што уште во декември сум сликан и една роднина што се сликаше со мене тогаш веќе си ја зема, ама јас бев еднаш двапати таму, ама многу голема гужва имаше и не можев да чекам. Сметам дека од тука е многу полесно да се земаат личните карти. Нема никој. Одма се завршува работа, а и тука блиску живеам во Карпош.“
„На 6 февруари ми рекоа дојди за месец дена, еве дојдов откако помина уште ја нема, а за пасошот ми рекоа за месец ипол и еве уште се пролонгира.“
„Се сликав во јануари, ама не сакав да ја земам личната карта од таму затоа што имаше многу гужва. Кога кажаа дека може во полициска станица дојдов денес и ја земав.“
Во меѓувреме продолжуваат и политичките расправии. Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски обвинува дека пропустите со издавање на лични документи се направени во време кога Митко Бојмацалиев, сегашен дополнителен заменик министер беше шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски. Бара и издавањето лични документи да не се злоупотребува за политички цели.
Можноста личните карти да се подигаат во полициска станица според местото на живеење важи само за граѓаните на Скопје.
Тамара Марковска