Синдикалците во здравството бараат надлежните да им дадат предност на оние кои со години работат со договор на дело во здравствените установи. Дел од лекарите повикуваат Балансерот да се изземе во случајов, бидејќи при лекувањето не е важна етничката припадност на лекарот, туку неговата стручност. Ова следува откако беше објавен оглас за вработување на Гинекологија, во кој се бараат четворица доктори на специјализација, но под услов да се Албанци, а на истиот оглас се бара и еден Турчин и еден Ром.
„Ве повикувам на итна иницијатива оваа грешка со употреба на балансер да се исправи, исто така и да се укине дискреционо право на директор да бира кандидат и да се остави на колективите да имаат удел во избор на соработници исклучиво по квалитет и перформанси“, објави Ненад Лазаров, Претседател на Асоцијацијата на млади лекари и специјалисти.
Додека јавноста критикува и обвинува за предизборен поткуп, министерот Меџити смирува. Тврди дека образованието и работното искуство ќе бидат клучни при вработување. Министерот е дециден дека најквалитетните луѓе ќе добијат решение за вработување со цел квалитетните кадри да бидат задржани на работа. Здравствените власти признаваат дека можно е да се случат пропусти и да добијат вработување некои нови надворешни луѓе.
„Побарав од службите листа од сите кои се со договор на дело во целата држава во здравствени установи за да знаеме приближно колкав е бројот. Ќе бидеме многу внимателни, но дали ќе има пропусти јас сметам дека можеби ќе има, но ќе се потрудиме овие пропусти да бидат минимални“, изјави Фатмир Меџити-министер за здравство.
Премиерот Ковачевски, вчера истакна дека мора да се запази законот за правична застапеност. Додава дека само во земјите на Западен Балкан етничката припадност е професионален критериум.
Тамара Марковска