На потег е Судскиот совет. Вака министерот за правда, Кренар Лога, ги искоментира денеска случаите на судијата од Тетово кој си ги поправал оценките за да има повисок успех и да може да се запише на Академијата за судии и обивнитители и обвинител во Тетово кој полагал правосуден испит предвреме.
И двата случаи се откриени откако на барање на Антикорупциска Државниот просветен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор на правните факултети во земјава, за периодот2008 до 2012 година, за да се провери дали на некои од универзитетите се издавале уверенија за завршен VII/1 степен за 180 кредити.
Притоа во случајот на судијата, Ељведин Ферати, тој на правниот факултет во Тетово завршил со просек 7,88, што е под потребниот минимум за запишување на Академијата, на која пак се запишал со просек 8,20. Надзор покажал дека во матичната книга на името на Ферати биле прешкртани три оценки и запишани нови, за кои немало никаква документација за извршена процедура за барање за поништување или решение за поништување на оцените, како ниту барање за повторно полагање, пријави за полагање, записник за полагање, како и ново уверение за завршен прв циклус на студии.
Во случајот на обвинителот, Јетмир Беџети, син на апелациониот судија Енвер Беџети, е утврдено дека тој полагал правосуден пред да се стекне со 300 кредити.
Лога за случаите рече дека биле пред неговото време.
Целата проверка на правните факултети од страна на Државниот просветен инспекторат уследи по случајот со Барлет Џафери, син на спикерот Талат Џафери, откако Антикорупциска обелодени дека тој полагал правосуден испит предвреме, односно со несоодветна диплома. Антикорупциска во случајот на Џафери не утврди кој во министерството за правда потпишал за тој предвреме да го полага праводусниот испит, бидејќи одговорот од Микнистерството беше дека согласно нивните подзаконски акти таквите документи се чувале само една година.
Тамара Грнчароска