1.117 лица кои работат на определено време како медицински и помошно-технички персонал, хигиеничари и возачи, со одлука на Владата, ќе бидат вработени на неопределено време.
Клучно за креирањето на здравствените политики е решавањето на статусот на лекарите, болничарите, техничарите, на медицинскиот и немедицинскиот кадар со трајно вработување, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити.
Тој појасни оти средствата за одобрените вработувања на неопределено време се обезбедени во рамки на јавните здравствени установи и Фондот за здравствено осигурување.
Најави дека и во наредниот период ќе продолжи инвестирањето во примарната здравствена заштита, во изградбата на нови и современи здравствени установи, како и инвестирањето во обуки и развој на младиот медицински кадар во земјава.