Добиваат потпросечни плати, а сега и тие им се намалени. Вработени во Министерството за финансии, Бирото за јавни набавки и Управата за имотно-правни работи, организирани преку синдикалните организации на УПОЗ излегоа на мирен протест пред Финансии поради времената мерка што ја донесе Уставниот суд, со која го губат надополнувањето на платите од 30%, што го примаа од почетокот на годината поради обемната работа. Од УПОЗ велат дека кога се работи за времена мерка од Уставен, бргу ќе има и одлука, која доколку гласи поништување на одредбата со која го добија надополнувањето на платите, околу 600 вработени ќе мора да ги враќаат парите, што според претседателот на УПОЗ, е незаконски.
„Кога ќе се носи одлуката, Уставниот суд да си внимава за ретроактивноста, бидејќи не смеат да се носат одлуки што се ретроактивни, да ги казни уште повеќе овие вработени. А, знаете и тоа, сите вработени си ги планираа парите, земаа уште повеќе кредити, купија многу повеќе од што треба. Сега овие пари им ги скратија на работниците“, изјави Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Доколку вработените во Финансии и нивните органи останат без 30% надополнување на платите, незадоволни, нема да ги работат експропријациите за „Бехтел и Енка“, нема да се спроведуваат јавни набавки за институциите, а постои опасност и Tрезорот да се затвори, па вработените во јавниот сектор да останат без плати, вели Деаноски. Според него, со раководството на Финансии веќе се сретнале и работат на решение на проблемот преку колективни договори што ги немаат засегнатите институции.
„Ние инсистираме како синдикат на потпишување колективен договор . И останува во наредните денови повторно да се сретнеме со раководството на Министерството за финансии“, додава Деаноски.
Иако побаравме, од Финансии за сега нема одговор за решавањето на проблемот преку колективни договори. А, од Уставен велат дека следната година ќе решаваат дали одлуката за надополување на платите за 30% ќе се поништи или укине.
Сотир Трајков