Вести Економија Македонија Најважни

Капиталните инвестиции поголеми од задолжувањата, бизнисот бара да прекинат фантомски исплати од буџетот

Деведесет и шест милиони евра повеќе за пензии од оваа година, дополнителни 60 милиони евра за плати во администрацијата, 26 милиони евра повеќе за стоки и услуги. За капитални инвестиции во 2024 година се предвидени скоро исто пари како годинава.

Предлог-буџетот за 2024 година е доставен до Собранието.

Опозицијата обвинува за напумпан буџет, кој не носи развој, туку криминал и корупција. Владата смета дека се работи за развоен буџет кој гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош и сервисирање на обврските на државата. Бизнисмените бараат меѓународен мониторинг на трошењата, поради, како што велат, фантомските исплати од буџетот.

Околу 60 отсто од буџетот се троши за плати, социјални трансфери и стоки и услуги. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека тоа е болка уште од осамостојувањето. Сепак, капиталните инвестиции овие две години се рекордни. За 2024 се проценуваат на 730 милиони евра. Плус, сега се градат патишта, а порано знаеме што се градеше, вели тој.

„Развојниот момент го гледаме во другиот сегмент. За првпат по 2023, во 2024 година капиталните расходи се поголеми од буџетскиот дефицит, нешто што е императив на секоја влада. Ние постигнавме да го направиме тоа во 2023, ќе го направиме тоа и во 2024 година, затоа што покажавме дека тоа е возможно“, вели Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Сојузот на стопански комори, пак, бара, меѓународен мониторинг на буџетските трошења. Не може приватниот сектор да плаќа неработници, велат тие.

„Македонија се виде дека сега нема капацитет сама да го спроведе тоа. Гледаме дека јавната потрошувачка е без кормилар. Имаме трошења во работен сектор, поготово во сегментот на јавната администрација, за вработени коишто не доаѓаат на работа, за вработени коишто не се присутни, вработени коишто не постојат, фантомски исплати. Не може Македонија ова да си го дозволи“, смета Ромео Костадинов, потпретседател на Сојузот на стопански комори.

Владата за годинава планира да прибере над 5 милијарди евра, а да потроши 545 милиони евра повеќе. Буџетскиот дефицит е планирано да биде 150 милиони евра понизок од годинава и се проектира на 3,4 отсто од БДП. Се очекува растот на економијата да биде 3,4 проценти, а стапката на инфлација е проектирана на 3,6 проценти.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе