Министерот Фатмир Бесими при претставувањето на Буџетот за наредната година не беше доволно јасен и ја збуни јавноста во врска со висината на платите на функционеритe, кога кажа дека не се предвидени пари за 2024 за нивните повисоки плати.
Едно е сигурно, и во буџетот за следната година платите за функционерите се пресметани со зголемувањето од 78 % кое почна да се применува во март 2023-та. Заклучокот може да се изведе од ставот на Финансии, од каде . велат дека државната каса за до година е скроена според постоечките закони.
А според Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани функционери, платата на министрите, директорите, обвинителите, судиите, градоначалниците се пресметува врз основа на коефициент кој се движи од 2,5 до 4,5. Коефициентот се множи со просечната плата и определен функционер добива плата според висината на коефициентот за позицијата на која е избран или именуван.
Доколку се почитува законот, тогаш со пресметката на просечна плата за 2023-та, функционерите во март би требало да добијат ново зголемување усогласено со растот на просечната плата. Бесими тврдеше на пресот дека во буџетот за 2024 година не се предвидени пари за повисоки плати на фунцкионерите. Но тоа значи дека не се планирани плус средства за усогласувањето на функционерските плати со просечната која е зголемена во однос на лани.
Властите најавија кратење на функционерските плати. Но, кога и како ќе се направи тоа се уште е неизвесно. Министерката Тренчевска пред неколку дена кажа дека до крајот на годинава ќе се најде решение. Во игра се две опции. Едната е со целосно нов закон за плати во јавен сектор, а другата, да се направат измени на неколку закони.
Платите на функционерите пораснаа за 78 отсто во март годинава со одлука на Уставниот суд.
Дел од експертите сметаат дека буџетот за догодина е нереален, и е предизборно напумпан. Забелешки имаат затоа што малку пари се предвидени за социјални трансфери во услови на високи цени и раст на сиромаштијата.
Симона Петровска