Речиси и да нема ден, а граѓаните на општина Маврово и Ростуше да не се сретнат со мечка. Жителите живеаат во страв и неизвесност. Мечките во потрага по храна се спуштаат низ населените места. На територијата на националниот парк Маврово има над 150 мечки, а би требало да ги има двојно помалку. Изминатата недела жителите на село Жировница, каде состојбата е најалармантна сведочеа дека веќе ги забележуваат првите материјални штети.
-Јас сум пчелар. Од 80 семејства и 30 ројчиња немам ни едно. Пред мене сандакот го зема, го однесе и почна да го јаде. Џабе е и да трчаш по неа, вели жител на село Жировница.
Од општината побараа Владата да прогласи кризна состојба. Но, Владата одлучи поинаку. Се надева дека позитивни резултати ќе дадат мерките на Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство. Во тие мерки се предвидува да се отстранат сите депонии, да се успиваат и дислоцираат мечките. Одговорните од националниот парк Маврово велат дека веќе почнале да ги спроведуваат мерките.
-Претходно имаше две хајки направено, а една од мерките е и тоа заплашување со организирање на хајки со локалното население. Дел од мерките коишто ги препишаа министерствата се обврска на општината, а останатите се неспроведливи во овој момент зошто треба да се обезбедат дополнителни услови, вели Томо Ѓорѓески, раководител на одделот за заштита во Националниот парк Маврово.
Проблемот со мечките е уште од 2019 година, граѓаните пишувале поплаки, но решение не е пронајдено. Според Законот за ловство од 2009 година ловот на кафената мечка е трајно забранет.
Тамара Марковска