Пожари во објекти, на ниви, во шума, но и на отпад. Тетовските пожарникари имале 640 интервенции на територијата на 6-те општини кои ги опслужуваат само за неполни 9 месеци, додека за цела година, лани, имале вкупно 660. Командирот Авни Амети, како пример посочува тоа што имале ден кога за 24 часа интервенирале дури 19 пати.
Амети вели дека најтешко е кога горат диви депонии, кои се поспецифични за гаснење, а имаат и штетни последици по здравјето на луѓето, зашто согорува претежно комунален смет.
„Тие се пожари на депонии, што се најтешки. Во Волковија, во Добарце… во цело полошко имавме депонии. Намерно ненамерно некој ги пали тие депонии за да го чисти местото, но се создава лош мирис во цело полошко. Имавме и шуми и нивите кои ги чистат луѓето и намерно ги палат. Тоа направи тешко да ни биде оваа година“, вели Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.
Пожарникарите апелираат на поголема совесност кај населението, затоа што најчеста причина за пожарите е човечкиот фактор, но и поголема ажурност на институциите.
Од Тетовскиот инспекторат велат дека со контролите кои ги вршат за да се спречи несоодветно депонирање смет се превенира и можноста од настанување на пожари, па така во изминатите 3 месеци изрекле 25 опомени, додека 2 физички лица заработиле и глоби.
„Во врска со дивите депонии на територијата на општина Тетово, од страна на инспектори за животна средина извршени се редовни и вонредни инспекциски надзори. Лоцирани се овие диви депонии, изготвена е фотодокументација и известено Јавното комунално претпријатие согласно нивниот план за работа да ги исчисти како не би дошло до нивно спалување“ изјави Милена Вучевска, портпарол на Општина Тетово.
СВР Тетово, пак, оваа година евидентира само три случаи на „предизвикување општа опасност“, поврзани со причинување на пожари. Расчистувањето на двата во Доброште и Долно Седларце, пријавени минатиот месец, сѐ уште е во тек, додека казнето е едно лице кое се сомничи дека подметнал пожар во куќа во Мерово.
Данијела Билбилоска