Месец и половина по одржувањето на седицата за отворање на Уставот за впишување на Бугарите и уште пет други народи во него, а која заврши без гласање, се уште не е закажано нејзиното продолжување, односно гласањето. На последниот ден од септември, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со неодреден одговор, дали освен пратениците на мнозинството во собранието, власта може да се пофали и со опозициски гласови за отворање на Уставот.
„Тоа ќе се покаже во момент кога треба да се покаже“, изјави Спасовски.
Спасовски денеска со нов момент околу уставните измени. Тој на новинарското прашање дека времето тече и оти остануваат уште две – три недели за да се укрупни мнозинството за да се гласа, за да не се испушти рокот до крајот на ноември, почетокот на декември, за уставите измени, Спасовски со одговор:
„Рок за завршување на уставните измени немаме, заради тоашто крајот на ноември е рокот кога завршува практично процесот скрининг за членството во ЕУ. После завршувањето на скрининг процесот ќе може да се отворат и поглавјата. И целта е тоа, да можеме што е можно побрзо да почнеме со отворање на поглавјата, а не дека постои некаков рок во којшто практично мора да се завршат. Час поскоро е подобро за државата“, вели Спасовски.
Ваквата негова изјава е спротивна и го демантира на се она што досега го изјавуваа шефот на државата, Стево Пендаровски, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, до кога треба да се завршат устанивте измени.
„Целата временска рамка во која с еочекува, да евентулано, го промениме Уставот треба формално да заврши до 30 ноември“, изјави претседателот на државата, Стево Пендаровски, во јули за време на посета на Пустец, во Албанија.
„Како наш дополнителни услов се и уставните измени. Доколку тоа го комплетираме до крајот на месец ноември, тоа ќе овозможи непречено, автоматски без никакви други дискусии да го отвориме Кластерот 1“, изјави во јули, Бојан Маричиќ, вицепремиерот за европски прашања.
„До ноември ако не се завршат, преговорите прекинуваат. Со сите психолошки и административни последици“ изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, уште во март.
Инаку рокот за вметнување на Бугарите во Уставот за Македонија неформално истекува на крајот од ноември, почетокот на декември, поточно до одржување на Европскиот совет, закажан за 14 -15 декември кога Унијата, доколку земјава ги има завршено уставните измени ќе донесе одлука за продолжување на преговорите со земјава со отворање на првиот кластер.
„Било какво пролонгирање би било на наша штета“, изјави пред два месеци Маричиќ.
Без комплетирано македонско досие, ЕУ во декември ќе донесе одлука за отворање на првиот кластер само со Албанија.
Тамара Грнчароска