Во понеделник почнува комисиската расправа за предлог-буџетот за идната година, а Собранието нема кворум за работа затоа што шестмина пратеници се позитивни на Ковид-19. Сите се во домашна изолација, освен една пратеничка, која е на Инфективното одделение. За да им овозможи и на нив да се вклучат во работата на седниците, претседателот Џафери предлага тие да можат да работат од дома. Со дополнување на деловникот за работа, бара пратениците со позитивен тест и со решение за изолација поради контакт со заболено лице да може онлајн да се вклучат.
Пратениците тоа ќе мора да го докажат со решение од Државниот инспекторат. Поименично ќе се повикуваат за да гласаат, а нивните ликови ќе се појавуваат на екраните во салата. Засега се уште не е решено дали за тоа ќе се користат платформи како Зоом, Скајп или други апликации.
Прелогот е поднесен по скратена постапка, но нема да биде ставен на седница додека не дадат мислење сите пратенички групи. Ние ги контактиравме и промени во ставовите нема: мнозинството е „за„, опозицијата „против„.
Митрески тврди дека, за ова дополнување е потребно просто мнозинство од пратениците, но ВМРО-ДПМНЕ се со поинаков став. Сметаат дека, деловникот не може да се менува без консензус, односно без 80 пратенички гласа. Не отстапуваат од ставот дека предлогот е противуставен и се повикуваат на член 69 од Уставот, во кој стои дека, на седниците треба да пристуствува мнозинството од пратениците. Сметаат дека, деловникот не треба да се става над Уставот. Проблемот, според нив, е во нефункционалното мнозинство, а се сомневаат и дека власта на тој начин сака да протурка закони за кои опозицијата не дава поддршка. На иста линија со нив се и Алијанса и Алтернатива, кои исто така тврдат дека Уставот и деловникот не дозволуваат онлајн работа на Собранието.
Далиборка Демјанска Цветановска