До три пријави месечно за полов напад врз деца. Алармот повторно го вклучи последниот случај во парк во Дебар Маало кога педофил под дејство на алхохол нападнал три годишно дете пред очите на неговите другарчиња.
Ова ја згрози јавноста и ги исплаши родителите. Дел од нив преку петиција бараат измени во одредени членови во дел од законите. Сметаат дека сегашниот закон не ги заштитува доволно децата. Петицијата ќе биде испратена до Министерство за внатрешни работи, Министерство за образование и наука и Министерство за труд и социјална политика.
-Почнавме една заедничка петиција до неколку министерства кои се задолжени за решавање на ситуацијата. Одржавме уште еден состанок пред два дена заедно со командирот на ПС БЕКО и дел од родителите каде што одредивме насоки како ќе ја туркаме целата процедура за се ова што се имаше случено. И сите овие немили настани да ги искорениме, вели Горан Герасимовски, Градоначалник на Општина Центар.
Бројот на полови напади врз деца помали од 14 години се намалува, но никако да се искорени. Статистиката покажува дека пред 10 години имало по 50 кривични дела и сторители, а изминатата 2022 година има 25 кривични дела и 23 сторители. Но, и еден напад врз дете е многу.
Сега, по низа настани засилено е присуството на полицијата во Дебар Маало, но и низ цела општина Центар, со цел превенција од насилство и деликвенција која често се случува во ноќните часови.
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ досега повеќепати реагираше и бараше од судиите да ги осудуваат педофилите со максимална казна доживотен затвор.
Тамара Марковска