Вести Свет

Зеленски го потпиша законот со кој Божиќ во Украина ќе се слави на 25 декември

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потпиша закон за промена на датумот на државниот празник Божиќ во Украина од 7 јануари на 25 декември, како дел од напорите за „откажување од руското наследство“, јави Киев Индепендент.

Според новиот закон, Денот на украинската државност ќе биде поместен од 28 јули на 15 јули, а на 1 октомври наместо на 14 октомври ќе се одбележува Денот на бранителите на Украина и Покров на Пресвета Богородица.

Независната (автокефална) православна црква на Украина вчера го усвои новиот јулијански календар, а промената ќе стапи во сила на 1 септември.

Тоа значи дека датумот на верските прослави на Божиќ ќе се помести од 7 јануари на 25 декември.

До неодамна, и Православната црква на Украина и украинските гркокатолици го користеа само јулијанскиот календар, кој го користеше и Руската православна црква.

– Украинскиот народ долго време беше подложен на руската идеологија во речиси сите животни сегменти, па дури и Божиќ се славеше според јулијанскиот календар, се наведува во образложението на одлуката што ја изгласаа пратениците во Државната Рада во средината на јули.

Во текстот се вели и дека „силното заживување на украинската нација продолжува и дека постојаната борба за сопствениот идентитет придонесува за свеста и желбата на секој Украинец да живее во согласност со традицијата и свои празници“

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови злоупотреби на упати

Дејан Дејан

Кина евакуираше 1.600 граѓани од Иран и стотици од Израел

Дејан Дејан

Дизелот поскапува за 2,5 денара од полноќ, бензините со непроменети цени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе