Вести Свет

Србите од Косово бараат градоначалниците -албанци од северниот дел на земјата да останат дома и да се повлече полицијата

Тензиите во Северно Косово повторно денеска ескалираа. Во општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, група Срби се обидоа да влезат во зградата на општинските власти во што беа спречени од припадниците на полицијата, која употреби и шок бомби и солзавец во обид да ја растера толпата.

Приметливо е и засилено присуство на мировниците на КФОР, кои пристигнале во опрема за растурање на демонстрации.

Се почнало околу 11 часот кога се огласиле сирените за аларм а покрај зградите на општинските власти, почнале да се собираат граѓаните. Интервенирала и полицијата, за да им овозможи на новоизбраните градоначалници да влезат во зградите.

Демонстрантите, меѓу кои има и претставници на Српската листа, предале листа со две свои барања до КФОР – новоизбраните градоначалници-албанци , да не влегуваат во зградата на општината и итно да се повлечат припадниците на специјалната единица на косовската полиција.

„Имаме две барања. Нелегалните, нелегитимните, шерифи, како што самите се нарекуваат себеси, овие новоизбрани градоначалници, да си одат во своите куќи, па нека им шефуваат таму на своите роднини, своите сопруги, децата и на останатите роднини. И сета специјална единица, која се наоѓа во зградата на општината, околу зградата на општината , да се повлечат кон југ со сите оклопни возила, затоа што ова не е полициска станица. Ова е народна општина, градска општина која треба да му служи и да биде во служба на народот“ – изјави Горан Ракиќ.

Мисијата на КФОР, која од утринава се обидува да ја одржи ситуацијата меѓу граѓаните и косовските специјалци во сите четири косовски општини под контрола, ги повика сите страни да се воздржат од потези кои би можеле да доведат до зголемување на тензиите и до нова ескалација.

Срспката премиерка, Ана Брнабиќ, денеска повторно со остри критики за меѓународната заедница.

„Немам ниту еден убав збор да кажам, ниту за нашите партнери во Европската Унија, ниту за нашите партнери во рамките на КФОР. Нивната реакција задоцни. Тие требаше да бидат таму во петок, на начинот на кој таму се денеска. Нивниот мандат според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, е да ги штитат мирот и стабилноста и пред се да ги штитат луѓето“ – изјави српската премиерка, Ана Брнабиќ.

Во четири општини на Северно Косово минатиот месец беа одржани локални избори кои беа бојкотирани од припадниците на српското малцинство.

Тензиите во овој регион, ескалираа откако во петокот новоизбраните градоначалници-албанци се обидоа да ги преземат своите функции.

Дојде до судир меѓу полицијата и демонстрантите, во кој беа повредени повеќе од 12 Срби и 5 припадници на Косовската полиција.

Истиот ден, српскиот претседател Вучиќ кој одржа голем митинг во Белград на своите поддржувачи од цела Србија, го подигна нивото на борбена подготвеност на армиските сили.

Соединетите држави и Европската Унија ја осудија владата на Косово за употреба на полицијата за насилно влегување во општинските згради.

Од сите страни се бара да избегнуваат употреба на закани или други постапки кои би можеле да влијаат на безбедноста во регионот, вклучувајќи ја и слободата на движење.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Орбан: Русија не може да победи ниту во Украина, а не пак да се спротистави на НАТО

Дејан Дејан

Израел ќе ја депортира Грета Тунберг и целата посада на „селфи-јахтата“

Дејан Дејан

Гувернерот Њусом ништо не презеде за да го запре насилството во Лос Анџелес, обвинува Белата куќа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе