Вести Свет

Ердоган и Путин преку видео линк ја ставија во функција првата турска нуклеарна централа, изградена од руски „Роспром“

Претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, ја предводеа денеска преку видео линк церемонијата со која се одбележа доставувањето на гориво на првата турска нуклеарна централа, Акују, изградена од официјална Москва, оценувајќи дека станува збор за проект кој е пример на соработка и партнерство меѓу двете земји.

Ова беше првото појавување во јавноста на 69-годишниот турски лидер, откако неговото претходно ТВ интервју во живо пред два дена, беше нагло прекинато, заради здравствени проблеми на Ердоган, што предизвика бројни шпекулации дека тој е тешко болен. Неговиот кабинет остро ги демантираше ваквите тврдења.

Со денешната церемонија, објектот во јужна Турција се стекна со статус на нуклеарна централа, иако градежните активности се уште не се целосно завршени.

Откако ќе биде ставена во целосна употреба, нуклеарната централа во јужна Турција Акују, која ја гради руската компанија за нуклеарна енергија, Росатом, ќе произведува 35 милијарди киловат-часови електрична енергија годишно, што треба да задоволи околу 10 проценти од енергетските потреби на државата.

„Горди сме дека го преземаме овој чекор кој ќе ја смести Турција меѓу земјите во светот со нуклеарна енергија“ – изјави турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Ниту пандемијата, ниту политичките притисоци од странство не го спречија успехот на нашиот заеднички потфат, оцени рускиот претседател Путин, додавајќи дека Русија ќе продолжи да ја снабдува Турција со енергетски ресурси, како природниот гас, повторувајќи ја својата идеја за изградба на регионален центар за дистрибуција на значајниот енергенс за заинтересираните купувачи.

„Уште повеќе, ние сме цврсто решени да ја интензивираме соработка во снабдувањето со овој вид енергенс, во овој случај зборувам пак за гасот – за трети држави. Ова исто така е целта на предлогот за создавање на регионален центар за гас во Турција за снабдување природен гас за заинтересираните странски купувачи по пазарни цени“ – вели Путин.

Отворањето на првата турска нуклеарна централа се случува во екот на изборната кампања во Турција, пред претседателските избори, закажани за 14-ти мај, на кои главен ривал на Ердоган ќе му биде лидерот на турската републиканска партија, Кемал Кличдароглу.

Според последните анкети, Ердоган го очекува досега најтешкиот изборен тест а победникот најверојатно ќе биде познат дури по вториот круг на претседателските избори.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Граѓаните во банките најмногу се задолжиле со потрошувачки и станбени кредити

Дејан Дејан

Од врата на врата со болен татко – системот не признава човечка мака

Дејан Дејан

Едно лице го загуби животот во сообраќајна несреќа во Охрид

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе