Вести Свет

Украина го бојкотира парламентарното Собрание на ОБСЕ поради присуство на Русите

Седницата на Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска во Виена почна без присуство на украинската делегација, која како навреда го оцени најавеното присуство на руски пратеници на седницата.

Дводневната сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, која се совпаѓа со првата годишнина од руската инвазија на Украина, е засенета од контроверзите за присуство на Русите на неа. Австрија им даде визи на руските пратеници, иако се под санкции на Европската унија и покрај протестите на 20 земји, меѓу кои Велика Британија, Франција и Канада.

Австриските власти наведуваат дека како домаќини се обврзани да им издаваат визи на претставниците на сите земји-членки на ОБСЕ. Украина и Литванија најавија дека нема да учествуваат на седницата доколку Русија биде присутна.

Претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Маргарета Седерфелт, на отворањето на седницата рече дека „сочувствува со фактот што некои членки сметаат дека е неподносливо да седат во иста просторија со агресорите“ и дека „оние кои се присутни денеска имаат можност да се заземат за Украина и да се спротивстават на лагите на агресорите.“

Словачкиот делегат ја прочита изјавата на украинската делегација во која се наведува дека „присуството на воените потбуцнувачи во Виена е навреда за сето она за што се залага ОБСЕ“.

„Тие не се тука за вистински дијалог или соработка. Тие се тука да ја шират својата пропаганда, да се обидат да ги оправдаат воените злосторства што ги направија и да ги сквернават принципите на меѓународното право и човечката пристојност“, изјавија од украинската делегација.

ОБСЕ, чие седиште е во Виена, има 57 земји-членки, вклучувајќи ги Русија и Украина, а организација е создадена за време на Студената војна како платформа за дијалог меѓу Истокот и Западот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Нуклеарката Запорожје остана без струја, Украина ја обвини Русија

Дејан Дејан

„Паднал низ прозорец“ – почина потпретседател на руска нафтена компанија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе