Уништувањето на природата како резултат на светската акумулација на капиталот, е темата на изложбата „ Panic Room“, отворена во Музејот на современата уметност. 11 наши визуелни уметници и групата ОПА ,преку нови, но и постари дела, ја критикуваат неолибералната политика и глобалниот пазар , нудејќи излезни решенија, базирани на науката.
Од конзумеризмот како причинител, преку хроногија на природните катастрофи по светот, до нудење решенија за спас на природата и социјалните врски меѓу луѓето. Ова е распонот на темите во делата од групната изложба „ Panic Room“.
- Зависни сме од потрошувачката култура што ни ја наметна капиталот, доведувајќи `не во состојба на активни загадувачи на природата. Ние мора да се спротивставиме на неиздржливоста на капиталистичката логика на производство и акумулација на капиталот, во услови кога гледаме дека катастрофата се шири насекаде, наоколу, вели кураторката на изложбата Лилјана Неделковска.
Уметничкиот двоец „ ОПА“, низ партиципативната инсталација „ Се грижам затоа што се грижиш“, бараат од посетителите да се откажат од употребата на пластиката.
- Секоја може даси земе една торба , да ја поседува . Меѓутоа , треба да потпише изјава дека ќе се придржува, или дека ќе се бори против користењето на пластиката за една употреба, објаснува Стефческа од „ OПА“.
Алтернативните извори на енергија ги нуди уметникот Никола Узуновски, низ развиениот проект „ Моето сонце“, со кој не претстави и на Венециското биенале.
- Тоа е метафора дека сега е моментот кога се менува, или треба да се смени економијата . Од базирана на јаглен, на алтернативни или природни извори на енергија, вели Узуновски.
А, Ѓорѓе Јовановиќ низ спојот на објект –буф и видео луп, со катаклизмични прикази на уништување на животнискиот свет и загрозениот живот на луѓето, бара сите да се вклучиме во спасувањето на планетата.
- Иднината зависи многу од нашиот личен, персонален поглед и однос кон работите и дека промените мора да дојдат преку личната трасформација, потенцира Јовановиќ.
Изложбата е базирана на документаристика и наука . А , уметнички артикулираните ставови јавноста ќе може да ги види до 5 ноември.
Сотир Трајков