Минатата недела КОД објави две стории поврзани со ЕСМ, за тоа зошто државната компанија продава струја од ноќни вишоци за поевтина цена од берзанската и за тоа како ЕСМ врши набавка на мазут со образложени сомнежи за потенцијално фаворизирање на однапред избран понудувач со менување на услови за две последователни набавки на 150 илјади и 190 илјади тони мазут за ТЕЦ Неготино.
Токму ова втора истражувачка сторија побуди интерес во антикорупциската комисија, ни откри членот на ДКСК задолжен за ова нивна проверка во енергетскиот државен сектор.
-Да, може да потврдам дека по емисијата КОД отворивме постапка за тендерот за мазут. Сепак станува збор за набавки во вредност од околу 270 милиони евра, ни рече членот на ДКСК Горан Трпеноски.
Уште минатата недела КОД до ЕСМ испрати прашања поврзани со набавките на мазут.
ПРАШАЊА НА КОД УПАТЕНИ ДО ЕСМ:
- Кој го доби огласот, јавниот повик со број 1-03/2022 од февруари 2022-ра година за набавка на 150 илјади тони мазут, дали фирмата имала позитивен финансиски биланс пред конкурирањето односно на кој начин од која банка обезбедила гаранција и дали во при издавањето на гаранцијата е употребена некоја друга фирма? Дали е проверено дали избраната фирма доставувала по 1200 тони дневно мазут дневно и што е утврдено и преземено? Зошто се поставени такви услови во огласот иако претходно не биле применувани во претходни набавки на ЕСМ? Што е сменето за тој оглас во однос на претходниот и зошто?
- Кој го доби огласот, јавниот повик со број 01-77/2022 од октомври 2022-ра за набавка на 190 илјади тони мазут. Дали станува збор за иста фирма? Дали во огласот останала или е исфрлена обврската за 1.200 тони мазут дневно испорака? Дали во овој јавен повик е ставен услов понудувачот да мора да има најмалку еден договор за набавка на минимум 100 илјади тони мазут на државна институција или друга институција во последните три години? Дали доколку имало ваков услов, во ЕСМ е познато колку фирми во Македонија го исолнуваат овој услов? Зошто при овие јавни повици времето за учество на потенцијалните понудувачи е кратко по 7 дена и дали овој рок овозможува ефикасност во постапката и еднаквост на потенцијалните понудувачи?
- Дали ЕСМ размислува за воедначување на условите за набавки при јавни огласи за да се избегнат чести менувања на правилата и условите за учество?
Очекувавме одговори минатиот петок пред 10 дена, не ги добивме ни до овој петок пд пред дена.
Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски тврдеше дека одговорите ги испратиле и одговарале на сите новинари. Но одговори на овие прашања не се никогаш испратени од државната компанија до Телма и до КОД.
Во ист ден реакција и на ЕСМ и на РКМ- ред клевети, ред навреди
Но на 27-ми јануари, во петок, првин добивме електронс
ка пошта со реакција демант од спомнатата фирма РКМ на Ратко Капушевски која ги добила двата јавни повици вредни околу 270 милиони евра, а потоа преку курир добивме реакција, писмена од ЕСМ.
Наместо одговори, реакција од државната компанија, додека од Капушевски покрај негирање на некои објавени информации добивме серија навреди, омаловажувања, клевети.
Дописот почна со најава дека ќе бидат испратени дополнителни акти од адвокат на Капушевски, а заврши со поздрав „да сте живи и здрави“.
На Капушевски ќе се навратиме подоцна во ово новинарски прилог, а неговиот партнер- државната ЕСМ со малку покултурен речник, но со сличен аршин, н
ајавува тужби и претставки за Телма и плете обвинувања дека станува збор за континуирани напади врз ЕСМ и притисок од телевизијата, чиј сопственик го спомнува во својата реакција за истражување во кое ЕСМ не одговори на прашањата на КОД.
Дел од „Барање за објавување на исправка на објавена информација- АД ЕСМ“
Не би сакале да помислиме дека зад тоа се кријат било какви други причини освен заштита на јавниот интерес, но повеќе од очигледно е дека со објавите на медиумот планирано се создава револт кај публиката и истите може да ја загрозат безбедноста на вработените во АД ЕСМ.
Дополнително не е објаснето како со истражувања и прашања за јавни набавки вредни стотици милиони евра со често менување на услови на јавни повици- се загрозува безбедноста на вработените во ЕСМ.
Директор на ЕСМ е Васко Ковачевски, тој уште во септември кога веќе имаше зголемување на јавните набавки на енергенси за производство на струја сам побара нивна проверка.
-Тука нема ништо незаконски. Затоа и кажав, ги повикувам сите институции да ги проверат овие јавни набавки (н.з. во енергетскиот сектор). Јас прв ќе понесам одговорност доколку има нешто сомнително или незаконски, рече Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ, во емисијата Топ Тема на Телма на 13-ти септември 2022-ра.
На телевизија едно, во реалноста спротивно
Четири месеци подоцна, транспарентноста и барањето за проверка на сопствената работа се изгуби, покрај тоа што нема одговори на прашања туку заканувачки реакции, ЕСМ не одговори во рок ниту на законско барање за пристап до информации од јавен карактер во сферата на јавни набавки на енергенси.
Тоа барање за пристап до информации од јавен карактер беше за банкарски гаранции, а исто прашање за банкарски гаранции имаше до ЕСМ и за истражувањето за набавката на мазутот од РКМ.
Како фирма со двајца вработени и со минимална добивка или загуба успеала да дојде до банкарска гаранција од милион и пол евра и да добие зделка од државната ЕСМ. Зделката со мазут била во февруари лани изнесувала 105 милиони евра и била за 12 пати поголема од целиот промет на РКМ во 2021-ва година.
ЕСМ ниту ја спомна банкарската гаранција или прометот на фирмата РКМ туку во својот демант се задржа на две работи.
Првата дека често се менуваат условите во јавните набавки на мазут кои се изведуваат преку јавни повици.
Дел од „Барање за објавување на исправка на објавена информација- АД ЕСМ“
Тоа е апсолутно неточно. Условите во тендерските документации се пропишуваат согласно потребите на компанијата за извршување на главната дејност на компанијата-производство на електрична енергија, а не според желбите и можностите на економските оператори во земјава и странство. Со вакви неаргументирани напади, шпекулации и полувистини што ги пласира во јавноста, ТВ Телма ги доведува во заблуда гледачите.
КОД го праша ЕСМ како на последниот јавен повик лани во октомври за набавка на 190 илјади тони мазут е избришан еден услов, а впишан нов услов, во точката 2.3.3.1 за техничка и професионална способност каде е наведено:
Понудувачот да има минимум еден договор за испорака на мазут во последните 3 години во количина од минимум 100.000 тони мазут во државна институција или на друго место.
Ваков услов исполнувала РКМ затоа што во февруари лани имал победа и понуда за оглас за 150 илјади тони. ЕСМ ниту одговори ниту реагира или демантира за ова, туку реагира за условот кој е избришан, а тоа да има по минимум 1200 тони мазут испорака дневно.
Математика на ЕСМ, но не кажува дали ја провериле равенката на РКМ
Прашањето беше дали ЕСМ проверила како се исполнува овој услов за минимум дневна достава. Одговор нема ниту во демантот во кој стои дека дневна потрошувачка за два котли во ТЕЦ Неготино изнесува 1000 тони мазут.
Дел од „Барање за објавување на исправка на објавена информација- АД ЕСМ“
Во повикот се бараше испорака од 1.200 тони со цел останатите 200 тони да прават дневно дополнување во резервоарите на електраната и создавање резерви за случаи при евентуален застој од различни причини во испораката на мазут, да не дојде до ситуација, термоелектраната да запре со производство поради немање погонско гориво.
Уште во септември на министерот за економија Бектеши му беше посочено за проблемите со набавката на мазутот за ТЕЦ Неготино, кој се купуваше преку посредник, а не директно за поефтина цена.
-Има отворени и транспарентни постапки од страна на надлежните институции во овој случај на ЕСМ, која ќе ги објави. Тие имаат обврска според закон да ја прифатат најповолната понуда, рече министерот за економија Крешник Бектеши во Топ тема на Телма на 28-ми септември 2022-ра година.
Новинарско прашање: -Зошто не преговарате директно со ОКТА за набавка на мазут , зошшто мора Пуцко Петрол, и Ртако Капушевски да е тука, и Супер трејд, фирми кои Вие сте ги испитувале во однос на квалитетот на мазутот што го набавувате.Кај што имаше пепел, имаше бродско масло. И слично.
-Да бидат поконкретен и подиректен со граѓаните. Кога викам најповолни значи најевтини заради тоа што мислам дека не е време за воено профитерство, рече Бектеши во септември.
Поранешниот младинец на Груевски, сегашен партнер на Ковачевски во клеветнички напад за истражувањето
Со напади клевети и омаловажувања а и како што самиот вели цинизам сопственикот на Ратко Капушевски од фирмата РКМ ни упати како што тој го нарекува Демант и барање за извинување . Повод е минатата емисија на КОД во која ги анализиравме тендерите кој тој во ЕСМ ги добил за набавка на мазут.
Едниот во февруари за набавка на 150 илјади тони мазут , другиот во октомвбри за набавка на 190 илјади тони мазут. Тој е единствен понудувач и во двата тендери.
-Единствен понудувач кој во тој момент сметаше дека може да ги испорача бараните количини затоа што имал цврст договор има голема банкарска гаранција. Доколку не испорача, првата неиспорака се активира банкарската гаранција беше РКМ. Исто така и за втората во почетокот на март (н.з. во тој момент, подоцна имаше уште еден јавен повик за набавка на мазут во октомври), единствена понуда за 144 илјади тони од март до октомври, единствена понуда имаше РКМ, рече Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ, во емисијата Топ Тема на Телма на 13-ти септември 2022-ра.
Токму банкарската гаранција и учеството на Капушевски за КОД е спорно имајќи в предвид дека документите од централниот регистер покажуваат дека состојбата во неговата фирма пред добивањето на тендерите не била розова. (текстот продолжува по видеото).
Претходно тие банкарски гаранции се движеле по два или три милиони евра во денарска противвредност Во конкретниот оглас (март 2022-ра), банкарската гаранција е намалена и изнесува 30 милиони денари односно половина милион евра.
Дополнително се дава нова гаранција од милион евра кога ќе се потпише договорот. Банкарската гаранција била тројно намалена.
Изборот на фирмата на Капушевски пред 4 месеци го бранеше и првиот човек на Топ Тема Васко Ковачевски запрашан зошто токму Капушевски ги добива двата тендера за волкави количини
-Како јас да го одбијам кога има технички карактеристики, кога има договор за испорака, кога има најповолна финансиска понуда и кога има банкова гаранција, рече Ковачевски во Топ Тема во септември 2022-та и за секој наведен аргумент по еднша лупна по масата во студиото.
-Како јас да го поништам тој, утре Вие ќе ме повикате на одговорност, во Вашата емисија ќе ме повикате и ќе кажете дека оваа фирма (н.з. РКМ) иако е таква имала подобра понуда, меѓутоа ЕСМ го исклучи, наведе Ковачевски во Топ Тема
Во периодот од 2019-та до 2021-ва РКМ имала еден или двајца вработени, а финансиските резултати покажуваат дека фирмата во 2019-та имала загуба од 5,2 милиони денари (околу 85 илјади евра). Во 2020-та имала промет од нешто над милион евра (околу 64,3 милиони денари) и добивка од 33 илјади евра.
РКМ има зголемување на промет во 2021-ва на околу 8,6 милиони евра (517.915.297 милиони денари) и добивка од 133 милиони денари односно околу 220 илјади евра. Таква фирма успеала да обезбеди банкарска гаранција на почетокот на 2022-ра во вредност од 1,5 милиони евра.
.Но проблемот е како РКМ ДОО успеала да издејствува и да добие гаранција од банка кога например на бизнис мрежа има бонитетна оценка Е, најниска која вели „компанијата е с висок ризик и потребно е дополнително обезбедување“.
Единствено логично објаснение за одобрената банкарска гаранција е дека некој друг многу поголем застанал зад малиот РКМ кој работел на ниво на рентабилност за да го добие тендерот во февруари 2022-ра, тендер кој е вреден речиси 6,5 милијарди денари (6.490.000.000 денари) односно повеќе од 105 милиони евра (105.528.455 евра).
Граѓаните и новинарите да бидат благодарни на Капушевски за фризурата и личната хигиена
Капушевски во своето барање за демант, раскажувајќи за својот живот и дело тврди дека банкарската гаранција му е издадена согласно законските уредби од Народна банка наведувајќи дека неговиот приход е 8,5 милиони евра и му дава законска можност секоја од банките да му издаде гаранција.
Дел од барање за демант на Ратко Капушевски:
Живеам половина година по патишта со цел да се развие компанијата, остваруваме контакти и во регионот и Европа со цел да обезбедиме количини и снабдување во услови на најголемата светска енергетска криза, со која многу поголеми држави не можат да се носат.
Капушевски во својот таканаречен демант и барање за извинување вели дека целосно ги демантира наводите на КОД најавувајќи тужба, а кога ќе го добиел случајот, средствата ќе ги донирал во верски и хуманитарни организации.
Загрижен за жителите на Македонија тој ни пишува:
Дел од барање за демант на Ратко Капушевски:
Со емисии од ваков тип продуцирате енергија дополнително на народ да не му се живее во сопствената држава и да не гледа иднина тука, па сега ќе вршиме деманти поради Ваши и на Вашиот налогодавач хирови. Ако Вам животот Ви е конфорен на многумина не е, не им го доотежнувајте животот. Придонесете со нешто добро како дел луѓе што гледаат да помогнат во прилог на основни јавни општествени добра како мојата компанија, а јас лично целиот живот сум се занимавал.
Неколку месеци по добиениот оглас, во сопственичко-управувачката структура на РКМ се вселува уште едно лице. Станува збор за Ерџан Сулкоски со потекло од Пласница, а со адреса од Кичево којшто станува и сопственик и управител на РКМ ДОО заедно со Капушевски.
Сулкоски е непознат во бизнисот претходно и ова му е прва инвестиција. Промената се случила на 22-ри август лани. Вториот момент е складот кој сите продавачи на мазут мора да го имаат. РКМ ДОО пријавува во својата лиценца дека склад за мазут му е во Оранжерии во село Хамзали Босилово.
Капушевски во својот допис зборува и за својот партнер кој со име и презиме не го открива:
Дел од барање за демант на Ратко Капушевски:
Мојот партнер Вам ако Ви е непознат мене ми е долги години познат и успешно ја води својата компанија и барам и нему да му се извините;
Новиот партнер Сулковски случајно или не доаѓа од Пласница родното место на пратеникот од ДУИ Исмаил Јакоски од ДУИ:
-Ако цената на мазутот е повисока од тоа што е регулирана, јас тука јавно го повикувам обвинителството да оди во ЕСМ, наведе Бектеши во интервјуто за Топ Тема во септември.
Тогаш иако неколкупати беше директно прашан колку Пуцко Петрол наплатува за превозот на мазут набавен за ЕСМ, Бектеши не одговори.
Капушевски треба со 60 цистерни дневно да донесе мазут од Грција до ТЕЦ Неготино, тврди дека тоа го прават 32 фирми кои ги ангажирал а барајќи пофалби, а не критики со навреди кон екипата на КОД тврди дека ако не се неговите цистерни со мазут, ние нема да можеме да се искапеме и не само да одржуваме лична хигиена туку и нема да можеме да одиме на фризер:
Дел од барање за демант на Ратко Капушевски:
Дополнително да ми кажете браво дека мојата скандалозна фирма како што Вие само ја нарекувате, испорачува по 80-90 автоцистерни на ден врз основа на кои Вие денес имате струја да одржувате лична хигиена.
Паралелно ќе потенцирам и Вие како новинар уживате општествени добра и општи услови за живот и вашето семејство да водите лична хигиена. Ќе бидам малку и циничен на извинување на јавноста, овозможуваме производство на електрична енергија да имате услови да одите на фризер со цел да сте претставителна на телевизија.
И новиот оглас за мазут со нови услови, победува Капушевски
ЕСМ лани во октомври распишува нов оглас за голема набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. КОД ѕирна и во овие тендерски документи за огласот под број 77 за набавка на 190 илјади тони мазут. И повторно има промени во условите.
Сега го нема оној невозможниот услов од обврска за 1.200 тони мазут дневна испорака која РКМ претходно ја прифатил, а била неостварлива за многу поголеми компании од оваа на Капушевски
Некогашниот директор на спорскиот центар Борис Трајковски кога владата ја раководеше Никола Груевски, во 2020 добива од регулаторна лиценца за трговија со мазут.
Тогаш тврдеше дека работат само со приватни компании. Неговото снабдување со мазут не било пд лупа само на КОД туку и на многу други медиуми.
Колегите од Фактор пишуваат дека :„ РКМ по долги години пауза, во 2021 се враќа со продадени 12.245 тони мазут и со 3,62 отсто од структурата на продажба. Компанијата во 2020 година увезе само 1 218 тони мазут и тоа главно продаден на пазарот на мало.“
Во 2020 година КОД откри според документите од царината и инспекторатите увезува отпадно масло . Хрватската царина забрани влез на камион од Германија затоа што транспортирал отпад без нотификациски дозволи, маслото стаса до земјава но и покрај предупредувањета на КОД изгоре во оџаците на Фени.
Снежана Лупевска Созен
Миомир Серафиновиќ
Целосниот демант на Капушевски, со сите навреди, клевети и грешки на следниот линк или подолу во фотографија.