Македонија Најважни

Заев: Македонскиот идентитет е потврден во Договорот со Бугарија

Македонскиот идентитет е гарантиран во Договорот за добрососедство, е ставот на премиерот Зоран Заев откако од Бугарија стигна ново барање до Македонија – да се реши прашањето околу јазикот. Заев ваквите изјави од Бугарија ги нарече коментари иницирани од желба за решавање на шестата историска личност – Гоце Делчев, иако  бугарската министерка за надворшени работи, Екатерина Захариева, е дицидена дека освен Гоце Делчев и јазикот е едно од прашањата кои треба да се исполнат со Договорот за добрососедство. 

Македонскиот јазик и македонскиот народ се потврдени со Договорот за добрососедство е одговорот на премиерот Зоран Заева на последната изјава која стигна од Бугарија дека и јазикот е отворено прашање меѓу двете земји кое треба да се реши.

„Гаранцијата на идентитетските прашања се потврдени со Договорот за добрососедство со Бугарија – тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ. Јас верувам дека во сите тие документи и коментари кои излегуваат се само желба за решавање на ова четврто историско поглавје или шеста историска личност, која може да биде одлична можност да не сплотува, да не зближува, да го јакне пријателството“, рече Заев.

Но за разлика од македонската страна бугарската не го толкува Договорот за добрососедство како потврда за македонскиот идентите, што го покажа изјавата на шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, која освен Гоце Делчев вели дека и јазикот е прашање кое треба да се решава во рамките на Договорот.

„Од друга страна, тој процес треба да се набљудува, има многу работи за исполнување од Договорот, тука е јазикот, општото историско минато. Од друга страна, обидите да се претстави Бугарија дека се обидува да ја негира реалноста, не се точни“, вели Захариева.

Захариева притоа вели дека Бугарија инсистира на апсолутна гаранција во преговарачката рамка за земјава од ЕУ – добрососедството да се набљудува за цело време на преговорите.

И покрај тоа што изјавата на Захариева го официјализираше новото барање од Софија до Скопје што претходно таа во форма на меморандум го достави на  преговарачката рамка на ЕК за земјава, во кој го негираше македонскиот јазик, одговорот од македонските власти останува претпазлив.

„Ќе бидеме внимателни во коментарите затоа што знаеме дека треба да постигнеме решение кое што ќе носи придобивки на двете за двете страни и ќе биде за добробит и за позитивни позиции и на Северна Македонија и на Бугарија“, рече Заев.

Заев притоа вели дека се фокусирани на брзо решавање на прашањето со Бугарија, за што посетата на шефот на дипломатијата Бујар Османи на Бугарија идната недела рече дека е претходница на неговата средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, за која се надева дека наскор ќе се случи, најдоцна до почетокот на ноември.

Но освен негирање на македонскиот јазик Бугарија вчера отиде и чекор подалеку и си го присвои кирилското писмо како бугарско писмо. Бугарскиот парламент го изгласа во прво читање барањето „24 Мај“ да го слават како ден на бугарската писменост, а не на словенската. Според нив кирилицата е чисто бугарска творба, создадена од Климент Охридски во бугарска држава и ова претставува прв чекор кон признавање на кирилицата од страна на ЕУ како бугарска азбука. За присвојувањето на кирилицата како бугарска гласаа и пратениците од владеачката партија на премиерот Борисов.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Меџити: „Вреди“ нема да остане со девет пратеници, четворица од Европски фронт ќе се приклучат кон мнозинството

Дејан Дејан

(Видео) Силјановска Давкова: Не го разбирам потегот на Таравари да излезе од влада

Дејан Дејан

(Видео) Сиљановска Давкова: Во понеделник наутро ќе го поднесам мојот предлог за гувернер на Народната банка

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе