Култура

Реконструкцијата на Универзална сала во септември

По една година нова влада и никакви активности на терен за реконструкција на Универзалната сала, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков на денешниот отчет за работата во првата година на функцијата, кажа дека очекува обновата на објектот да стартува во септември. Според него, завршено е испитувањето на конструкцијата по настанатиот пожар лани во април и дадени се насоки за дополнително статичко зајакнување. Поради тоа извршена е промена на постоечката проектна документација со нова и кон средината на овој месец ќе се објави оглас за избор на изведувач и надзор на реконструкцијата.

„Се отстранија сите други административни пречки и недостатоци кои што беа во постапките за кои што зборував на многу прес-конференции, незаконски се разбира. И очекувам продолжување на реконструкцијата, што би било некаде во текот на месец септември оваа година. Се разбира, кога ќе завршат сите постапки“, кажа Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Иако немаат свој објект, вработените во Универзална сала работат, а плати за мај сѐ уште не добиле, како и вработените на археолошкиот локалитет Стоби. Причина за тоа се прифатените жалби од Управните одбори на пресметките на плати, по инструкциите од министерствата за култура и финансии, за кои од СКРМ кажаа дека се незаконски. Но, министерот на новинарско прашање одговори дека не им ги прифатиле новите пресметки што ги доставиле до ресорот.

„Да си ги пресметаат платите така како што сме им дале насока и министерството за култура и министерството за финансии. Се надевам дека во наредниот период ќе ги исправат пресметките за плати и ќе си ја добијат платата во најбрз можен рок“, рече министерот Љутков.

Пролонгирано е отворањето на Скопското кале од почетокот на летото за последниот квартал од годината. Причина за тоа е увидот извршен од стручни екипи од УЗКН, со кој што се детектирани повеќе проблеми поради седумгодишната негрижа, рече министерот. Управата изготвила пресметка за санација на објектите што ќе бидат отворени на Кале – Праисториски и музејот од Отоманскиот период. Со ребалансот на буџетот, кој што е во собраниска процедура, ќе се обезбедат дополнителни осум милиони денари за оваа намена. А, следната недела на локацијата ќе има голема акција за чистење.

Со ребалансот ќе се обезбедат и дополнителни 155 милиони денари за субвенции за поддршка на туризмот, а дополнителни 145 милиони денари ќе добие Агенцијата за филм. Во новоформираниот Инспекторат за употреба на македонскиот јазик се работи на измени на систематизацијата на работните места и по завршувањето ќе се вработуваат кадри и лектори по институциите, согласно Законот за употреба на македонскиот јазик, дополнува министерот Љутков.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Стоечки овации и бис по изведбата на „Кармина Бурана”

Дејан Дејан

Кармина Бурана во Солун- заедничка изведба на Филхармониите од Скопје и Софија и симфонискиот оркестар од Солун

Дејан Дејан

Македонската филхармонија вечерва во Солун со „Кармина Бурана“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе