Над 20 луѓе се повредени откако патнички автобус излета од пат и се преврте во северна Германија, соопшти денеска локалната полиција.
Автобусот на популарниот превозник „Фликсбус“ сообраќал на релација Копенхаген-Виена и рано утрово излетал од автопатот во близина на градот Рубел, околу 140 километри северно од Берлин.
Полицијата во моментов ја истражува причината за несреќата, а спасувачите извлекле едно потешко повредено лице од автобусот.
-Во овој момент имаме 23 повредени, од кои еден е сериозно повреден, а 22 полесно повредени. Извлекувањето на автобусот само што започнува, а во тек се истраги за точната причина за несреќата, вели Охана Либих, портпарол на полицијата во Нојбранденбург.
Од компанијата чија сопственост е автобусот велат дека соработуваат со полицијата за брзо да се расчистат причините за несреќата. Порачаа дека сочуствуваат со семјствата на повредените.
Нашите мисли се со сите погодени од овој трагичен настан – особено со повредените и нивните семејства. Искрено им посакуваме брзо и целосно закрепнување“, соопшти компанијата. „Во близок контакт сме со полицијата и локалните власти со цел брзо и сеопфатно да се разјасни причината за несреќата.
Службите за итни случаи, противпожарната бригада и хеликоптерот за спасување се известени за инцидентот и вклучени во одговорот. Властите го блокираа подрачјето околу патот во текот на целиот петок наутро.