Под превезот на „вклучен демографски аларм“ и зад бројките на загубени жители во изминатите четири години, власта најавува нови мерки. Премиерот Мицкоски открива дека размислува за спречување на негативниот тренд на „бела чума“. Јавноста остро возвраќа.
Невладините препознаваат голема дискриминација и репресија. Претседателот на Владата, пак, зборувајќи за повеќе бракови и зголемување на наталитетот, посочи дека за четири години Македонија загубила 33.000 жители или население колку еден град, голем колку Кавадарци, а овој тренд ќе го запира со данок.
„Се надевам, професор Јаневска, дека оваа година читанката нема да биде „мамо, тато и јас“ туку ќе биде „бато, дада, јас, мама и тато“. Затоа нашата борба е да го направиме животот вреден овде, мајчинството благослов, а не товар. Да им дадеме причина на младите да останат. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме е со цел да ја вратиме. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа најава ги предизвика невладините. Од Мрежата за заштита од дискриминација реагираат дека со данок за немажени и неженети се кршат човековите права, се стигматизираат луѓето и се ставаат на удар младите. Потсетија и дека со член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитувањето и заштитата на приватноста на неговиот личен и семеен живот.
Во македонскиот правен поредок постои институтот вонбрачна заедница, а постојат и многу поголеми проблеми за кои нема решенија во доменот на родителските права, вели адвокатката Неда Чаловска Димовска.
„Апсолутно сметам дека е дискриминација, особено начинот на којшто е преставен е дискриминирачки. Не смее врз основа на брачен статус, некој да плаќа директно поголем данок. Верувам дека некои идеи доаѓаат можеби од некои други земји коишто имаат даноци коишто се поврзани со ослободување на семејствата коишто имаат повеќе деца. Тоа е многу различно и тоа е афирмативна мерка, споредено со тоа директно да им кажете на луѓето коишто не се во брак дека директно ќе плаќаат поголем данок само поради тоа што не се во брачна заедница“, е ставот на Чаловска Димовска од Центарот за еднаквост и правда.
Податоците на Државниот завод за статистика од последниот Попис во 2021 година, покажуваат дека во вкупното население над 15 години, учествуваат вкупно 23,8% проценти неженети и немажени лица. Од нив само неженети се 28,5%, а учеството на немажени лица е 19,2%.
Петар Догов