Изборот на судијката Даниела Димовска за в.д. претседател на кривичниот суд ја вжешти расправата во Судскиот совет. Данка Ристова, која е координатор за Кривичен, ја предложи Димовска. Таа објаснуваше дека, иако законот за судови пропишува дека за вршител се поставува судијата кој последната година има највисока оцена, последната година не биле оценети судиите од кривичен, затоа што законот за судски пропишува редовно оценување на четири години. Поради тоа, оценката не била критериум да ја предложи Димовска.
Се надоврза членката Антоанета Димовска која со најпофални зборвои говореше за Даниела Димовска, презентирајки ја нејзината биографија, а кажа дека ѝ била и ментор. За разлика од нив, членката Тања Чачарова Илиевска не се согласува дека постои колизија на закони. Рече дека последната оценка важи четири години. Праша зошто се постапува спротивно на законот за судови и досегашната пракса.
„Сметам дека нејзиното досие и биографија укажуваат, но и од лични контакти на семинари со неа, дека ќе одговори со нејзината способност за комуникација и менаџерски способности“, вели Данка Ристова, членка на Судски совет.
„Ако нешто речете за вас дека е невозможно, таа ќе направи да биде возможно. Практично размислува, брзо мисли, организирана е многу. Ова го кажувам зошто лично ја познавам“, рече Антоанета Димовска, членка на Судски совет.
„Тоа што сте ѝ биле ментор, ви е вас критериум за да прескокнеме 10 судии во тој суд со поголем број судии од предложениот кандидат. Ајде да се раководиме од препораките на оценската мисија и да дадеме образложение зошто ги прескокнувате тие судии пред неа“, возврати Тања Чачарова Илиевска, членка на Судски совет.
По она што го видел на денешната седница, судијата од Кривичен, Ненад Савески со порака до Антоанета Димовска која како судија од граѓанскит суд со гласовите на судиите од скопското апелаицоно подрачје беше избрана за член на судски.
„Одете си од таму веќе! – Доста е од вас! – Брука сте! – Срам сте за судиите кои гласале за вас! – Кој ви даде право во наше име да кршите закон? – Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? – Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот Судија? – Или за тебе законот е најмалку битен? – Таму кај што седите, нè претставувате нас судиите! – Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? – Немате право на тоа! – Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија!“, истакна Ненад Савески, судија од Кривичен суд.
Реагираа и од Коалицијата „Сите за правично судење“ дека Судски не го почитувал законот за судовите, но и препораките на Оценската мисија на ЕУ.
„Иако во дискусијата беше истакнато дека пред избраниот кандидат се наоѓаат 10 судии како подобро оценети, воопшто не беше наведено кои судии од овој суд имаат најголем број бодови од последното оценување, ниту колку изнесуваат бодовите на кандидатите, дотолку повеќе што не беше даден ниту аргумент за отстапувањето од законското правило за избор на судија со најголем број на бодови“, е ставот на Коалиција „Сите за правично судење”.
Димовска беше избрана со 10 гласа за и два против. Таа има завршено академија за судии и јавни обвинители и е судијка во кривичен од 2016 година. Во моментот суди во одделот за организиран криминал и го води предметот „Адитив“. Претходно ја донесе и пресудата од три и пол години затвор за градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Таа ќе го раководи кривичниот суд додека не биде избран нов претседател за што беше распишан оглас денеска откако свечена изјава даде досегашниот претседател Иван Џолев. Тој заедно со неговите колшеки Оља Ристова, Марија Клетничка Марковска и судијата од тетовскиот суд Бетим Јахја во мај беа избрани за судии во скопска апелација на огласот стар две години. Тогаш беа унапредени и шестмина судии за граѓанскиот оддел во Апелација, но поради жалбите од други судии изборот не е правосилен.
Во претседателската фотеља во врховен денеска седнува и Африм Фидани. Рече ќе се залага за враќање на довербата во судството и за транспарентно и отчетно работење на судот.
Елена Ивановска Мукоска