Помалку пари за граѓаните, повеќе за луксузирање на владата. Почна расправата за ребалансот на буџетот. Од опозицијата обвинуваат дека со прекројувањето на државната каса се крати од работниците, земјоделците, од оние најзагрозените, за да има повеќе да трошат функционерите.
-Нема пари за соодветно и заслужено покачување на плати на работниците, за поголеми плати во образованието, здравството. Нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани. Нема пари за нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните за намалување на цените. Граѓаните едноставно се оставени сами на себе, вели Сања Лукаревска – пратеничка од СДСМ
Од власта пак образложија што ќе се значи прекројувањето на државната каса. Тврдат дека ребалансот е насочен кон стабилност, кој ќе овозможи ефективност во трошењето на јавните финансии.
-Се надевам дека измените ќе бидат поддржани од сите вас, а со крајна цел поефикасно и по одговорно управување со јавните финансии со фокус на стабилност, отчетност и ефективност во трошењето, вели Николче Јанкуловски- заменик министер за финансии
На расправата присуствуваа и од фискалниот совет. Нивната препорака е ако не се реализираат капиталните расходи, парите да не се пренаменуваат за тековни расходи. Од Владата иако очекуваат буџетскиот дефицит да падне под 4 отсто, од фискалниот совет велат дека во овој дел треба многу да се внимава затоа што најголем дел од минусот во касата е од тековни трошења.
-Ние сме свесни дека во македонскиот буџет тековните расходи плати се 65 проценти од вкупните расходи така да е многу тешко кога сте зеле буџетски обврски да имате маневарски простор, вели Глигор Бишев
Со ребалансот на буџетот државата планира да собере но и да потроши повеќе пари. Инфлацијата од 22 отсто ќе порасне на 2, 8 проценти, растот останува на старата проекција од 3, 7 отсто. Повеќе пари ќе има за ПИОМ околу 40 милиони евра. Иако ќе има нови задолжувања и дома и надвор јавниот долг уверувањата се дека нема да надмине 62 отсто.
Ирена Чачкова