Државниот завод за ревизија ги објави конечните извештаи за Државното правобранителство на Република Македонија, во кои се укажува на повеќе финансиски и системски неправилности.
Евидентиран е недостаток на транспарентност и неправилности во постапките за јавни набавки, како и проблеми со ангажирање лица по договор на дело за работни места предвидени со систематизацијата.
Системските слабости се однесуваат на недефинирани процедури за оценка на работењето и дисциплински мерки за правобранителите, регулирање на надоместоци за одвоен живот и нејаснотии во процесот на авансно плаќање и поврат на трошоци.
Исто така, не е прецизирано кој треба да остварува приходи од награди на членови на одбори на доверители во стечајни постапки каде што земјата има побарувања.
Во ревизијата се наведени и неусогласености во евиденцијата за набавна вредност и опрема, несоодветно водење на долгорочни средства, како и нерегулиран начин на користење и подмирување на заеднички трошоци за греење.