Вести Свет

Израел продолжува со нападите во Газа – убиени и повредени повеќе десетици Палестинци

Нови крвопролевања и масовни убиства на цивили во напади на израелската војска.

Најмалку 39 луѓе се убиени денеска а повеќе десетици ранети, во три израелски воздушни напади во Газа,

Во еден од нападите бил таргетиран кафе барот Ал-Бака, повеќе шатори поставени еден до друг, во близина на морето, каде често се собирале новинари, активисти и локални жители, потврди министерството за здравство во Газа.

Спасувачките екипи пренесоа дека во бомбардирањето биле убиени најмалку 20 а повеќе десетици се ранети, од кои поголем дел се во критична здравствена состојба.

„Место полно со деца, жени и семејства. Наеднаш, додека беа тука, авион Ф-16, не дрон или проектил од брод, туку Ф-16 го нападна ова место. Беше како земјотрес и имаше мртви насекаде. Беше масакр, спасувачите досега ги собираа посмртните остатоци од убиените“ – изјави Али Абу Етела.

Во друг напад, во градот Газа, биле убиени пет луѓе. Засега, израелската армија нема никаков коментар за крвавите напади против цивилите.

Двомесечниот прекин на огнот меѓу Хамас и Израелската војска пропадна во март, кога Израел започна серија напади во Газа. Договорот за прекин на огнот требаше да се имплементира во три етапи, но не ја издржа ниту првата фаза.

Потоа Израел спроведе целосна блокада на хуманитарната помош за Газа, која делумно ја прекина по 11 недели, по меѓународен притисок и предупредувањата за хуманитарна катастрофа.

Се создаде ткн „Хуманитарен Фонд за Газа“, организација која наводно ја поддржуваат Израел и САД и треба да ја координира дистрибуцијата на помошта.

Еврејската држава сака овој барем декларативно  „Хуманитарен фонд“ да го замени претходниот систем за дистрибуирање помош кој го координираа Обединетите Нации и меѓународните хуманитарни организации.

Но,  минатиот период, речиси секојдневно, од Газа доаѓаат вести за масовни убиства на Палестинци кои се обидуваат да добијат хуманитарна помош.

Само денеска, Израелските сили убиле најмалку 22 лица а раниле уште 20-тина, во јужна Газа, потврдија сведоците, болниците и Министерството за здравство во Газа.

Во бројните вакви смртоносни инциденти, во текот на минатиот месец беа убиени повеќе од 500-тини палестински цивили.

Палестинците често се принудени да пешачат повеќе километри за да пристапат до пунктовите, во надеж дека ќе добијат некаква хуманитарна помош во храна.

Израелската армија соопшти дека ги проверува информациите за нападите.

Но, во претходните вакви инциденти, Израелските одбранбени сили негираа дека убивале цивили, туку само пукале предупредувачки истрели кон луѓето кои се движеле на сомнителен начин или премногу се приближувале до израелските војници.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кармина Бурана во Солун- заедничка изведба на Филхармониите од Скопје и Софија и симфонискиот оркестар од Солун

Дејан Дејан

Студентите повикаа на продолжување на граѓанската непослушност и блокада во Белград

Дејан Дејан

Две лица се повредени во сообраќајна несреќа пред Градска болница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе