Во вечерашната Топ Тема дебатираат политичките аналитичари Петар Арсовски и Иво Рангеловиќ
Аналитичарот Петар Арсовски не очекува некои специфични и конкретни чекори освен оној во делот на креативниот јазик во последниот Извештај кој е малку поразличен од претходно.
„Јас очекувам уште еден реафирмација на официјалниот став од Брисел – Тоа што е договорено досега треба да се заврши и дека не може да се разговара за преговарачката рамка и протоколите, но и истовремено очекувам и едно кокетирање во вид на најава каде ЕУ ќе се противи на дополнителна билатеризација на процесот понатаму. Очекувам дополнителен притисок за Планот за раст и развој, како еден од главните процеси во ЕУ, има тука една стратегија на морков и стап, и мислам дека на тоа ќе се базираат утрешните пораки“ вели Арсовски.
Според него основните постулати во смисла на дипломатска методологија на Извештајот се неколку заклучоци кои се наметнуваат, во смисла „ние се трудиме да поправаме нешто што воопшто не било расипано“.
Арсовски смета дека генезата на проблемот лежи во првите два договори за добрососедство каде пишуваше „македонски јазик согласно со Уставот“, имплицирајќи во документите дека јазикот е политички конструкт, а негирајќи ја својата етно-историографска генеза.
„Тоа се поправи во преговарачката рамка и во придружните протоколи каде стои чист македонски јазик и тогашната Влада се фалеше дека тоа е некоја дипломатска победа, бидејќи нема политичка конотација на јазикот, но не е ни голема тајна дека Бугарија смета дека нашиот јазик постои од 1940 и некоја година и дека е создаден со политички декрет.“