Вести Македонија Најважни

(Видео) Трагедија во Кочани, милијарди од Унгарија и В. Британија – Телма анализа на првата година од мандатот на владата

Катастрофалниот пожар во Кочани е најголемиот предизвик со кој се соочи владата во првата година од мандатот. Незапаметената загуба на 62 млади животи фрли сенка врз сè останато што се случуваше во изминатите 12 месеци. Борбата за спас и опоравување на повеќе од 200 повредени во пожарот, но и истрагата против сите коишто придонеле небезбедниот индустриски објект 12 години непречено да работи како ноќен клуб, беа главните теми во изминатите три месеци, повеќе од една четвртина од досегашниот мандат на владата. Истовремено со справувањето со последиците од несреќата, Владата е на штрек и од политички пожари кои таа може да ги предизвика.

По првичниот шок во кочанската болница, која не е доволно опремена за трагедија од толкави размери, соседните земји веднаш понудија помош, па најтешко повредените беа пренесени на лекување во странство – во Клиники на кои може да се третираат такви повреди. Во меѓувреме, тогашниот министер за здравство Арбен Таравари ја расипа калимерата, прво со партнерите од коалицијата Вреди, а потоа и со премиерот Христијан Мицкоски и ја напушти извршната власт. Сепак, владата лесно го преживеа овој удар од досегашниот коалиционен партнер.

По истрагата, семејствата на загинатите излегоа со жестоки критики дека власта ги штити своите – обвинети се само поранешни функционери, а актуелните се амнестирани.

Случајно или не, веднаш по критиките, истрагата беше проширена и против вистинскиот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев, поранешен функционер од ВМРО-ДПМНЕ, и уште 13 полицајци кои за време на несреќата биле на работните места.

Она што почна како мандат со девастирана опозиција и убедливо парламентарно мнозинство, кое мирно може да ги пречека претстојните локални избори, се претвори во кризен менаџмент на ситуација која може да ги поремети плановите.

Предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ во голема мера се фокусираше на „расчистување на криминалите на ДУИ“. По убедливата победа на изборите, Мицкоски конечно стави крај на т.н. „мајски договор“, кој премолчано го промовираше принципот дека владата ја прават победниците во македонскиот и албанскиот блок. За волја на вистината, договорот прва го прекрши ДУИ која во 2017 година коалицираше со СДСМ, иако ВМРО-ДПМНЕ освои два пратеника повеќе. Сега дојде време за наплата на долговите.

Коалицијата на ДУИ освои 18 пратеници, а Вреди имаше 14, но заедно со шестемина пратеници од ЗНАМ, владата има стабилно мнозинство. Дури и со тројцата пратеници на Таравари, кои заминаа во опозиција, мнозинството не е загрозено, освен за законите за кои треба Бадентер.

Тоа, пак, може да ја закочи реформската агенда. Законите поврзани со правосудството, кои се дел од Планот за раст, измените на Законот за локална самоуправа со кои се предвидува референдум за разрешување на градоначалник, измените на Изборниот законик или медиумските реформи не може да се донесат без поддршка на опозицијата.

Од друга страна, сега во владејачкото мнозинство има 11 пратеници Албанци, а 21 во опозиција. ДУИ бара предвремени избори, затоа што владата не го претставува гласот на Албанците и нема легитимитет. Одбраната на Вреди е дека изборите во албанскиот блок не биле чесни, зашто ДУИ победиле користејќи го државниот апарат. Токму претстојните локални избори ќе бидат лакмус тест кое е од овие тврдења е точно.

„Ако има огромна разлика на локалните избори помеѓу ДУИ и Вреди, а притоа се види дека гласот на албанските граѓани не е на страна на Вреди, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе има многу голем проблем да објасни и да го задржи Вреди во владата, односно тој да биде предоминантниот партнер во владата, без притоа ДУИ да биде вклучена на кој било начин. На ДУИ има многу што да му се забележи, но ДУИ не е единствениот креатор на корупцијата во овие 30 години и ДУИ не е единствената партија која дошла во една таква позиција да биде прогласена за виновна за сè. Сепак, креаторот на цел тој корумпиран систем се предоминантно македонските партии коишто 30 години се менуваат. ДУИ само се вклучи во таа приказна“, вели политичкиот аналитичар, Ненад Марковиќ.

Експозето на премиерот Мицкоски при претставувањето на новите министри пред пратениците беше полно со силни зборови како фуриозно и пеколно. Сепак, домашниот есап не излезе на пазар. Владата се клацка меѓу желбите и ветувањата од една страна и реалноста од друга. Работите ќе мора да се тераат покроце. Нешто поради објективни околности, но нешто и поради лоша проценка.

Владата го започна мандатот со силна реторика против корупцијата и ветување за функционално и независно судство. Беа отворени неколку истраги против поранешни функционери, но критичарите велат дека тоа е резултат на политичка селективност, а не на вистинска борба против корупцијата.

Дури и во таков случај, „крупните риби“ кои беа мета на обвинувањата, пливаат во странски мориња.

Двајцата најкрупни осомничени – вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, истрагата може да ги види само на слика – на меѓународната потерница.

Груби филмски ја напушти земјата, неколку часа пред планираното апсење. Ковачевски не чекаше до последен момент.

Истрагата против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, дополнително ја подрива довербата во борбата против корупцијата.

Заглавија и судските реформи. Владата влезе фуриозно со најави за разрешување на Судскиот совет и на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кои ги оцени како кочничари на борбата против криминалот и корупцијата.

Постапката за разрешување на Коцевски запре поради истрагата за пожарот во Кочани.

Собранието изгласа недоверба на петтемина членови на Судскиот советот избрани од Парламентот, но на крај ништо. Собранието нема право да ги разреши.

„Проблемот е во тоа што секоја влада доаѓа со истите ветувања, а притоа заборава дека немаат компетенции да го направат тоа што ветуваат дека сакаат да го направат. Каква било интервенција на законодавната и извршната власт во судската власт е мешање на трите власти. Тука има многу јасни и многу сензитивни граници до кои мора да се држите. Се согласувам со моите колеги од Правниот факултет кои приказната прилично ја поедноставуваат до степен на тоа гледачите да разберат еден обичен неакадемски јазик – судските реформи треба да дојдат од судството. Судските реформи не може да дојдат од извршната власт, не може да дојдат од законодавната власт, законодавната власт може да асистира, да помогне со Закони и подзаконски акти, но не може да ја промени битта, однесувањето и правната култура кај судската власт. Судската власт кај нас ќе се реформира кога ќе реши дека е трета еднаква власт со сите други. Секое мешање од страна на која било влада е само ПР и ништо повеќе. Тоа не значи дека самото судство не треба да преземе одговорност, не треба малку да стави прст на глава зошто има низок рејтинг, каде може да се подобри“, вели Марковиќ.

Во надворешната политика, преговорите со ЕУ остануваат во ќорсокак поради отворените прашања со Бугарија и барањето за уставни измени. Софија бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, Скопје бара гаранции дека веќе нема да има блокади. На почетокот на мандатот, владата повеќе се приклони кон новата американска администрација на Доналд Трамп наспроти ЕУ. Се пофалија дека влегле во периметарот на Трамп. Во ОН, Македонија не гласаше за резолуцијата на ЕУ за Украина, туку ја поддржа таа на САД. Македонија, исто така, им се приклони на САД и на Израел во гласањето на резолуции против Палестинците, наспроти европските држави.

„Напорите на оваа влада ги поздравувам во таа смисла, да се побараат некакви гаранции, да се побараат некакви механизми преку кои ќе се обезбедиме дека нема да има нови барања, дека и постојните барања нема да се радикализираат, дека нема премногу слободно да се интерпретира она што е во преговарачката рамка екс францускиот предлог, меѓутоа тоа ќе оди многу тешко и мислам дека една година е многу кратко време, дури и неверојатно кратко време за да се постигне договор или некаков повидлив напредок. Она што е лоша вест е што тој прозорец на можности ќе трае некаде веројатно до локалните избори после што веројатно ова прашање ќе биде ставено комплетно на страна. Она што го придружува овој напор на владата да добие некакви гаранции од Бугарија во делот на меѓународната политика е и односот кон администрацијата на Трамп кон која се обидовме рапидно и брзо да се зближиме. Колку тоа успеа, колку тоа даде некаков резултат е прашање кое ќе треба да се оценува. Првичните индикации укажуваат дека нема многу голем профит, нема голем бенефит од приближувањето со администрацијата на Трамп“, вели Марковиќ.

На економски план, Македонија зеде кредит од една милијарда евра од Унгарија, и потпиша договор со Велика Британија за отворена кредитна линија за инвестиции која може да достигне до шест милијарди евра во наредните 10 години.

Новите задолжувања ја зголемуваат загриженоста од зголемување на задолженоста на земјата. Властите уверуваат дека британскиот кредит, за кој е нејасно колкав дел ќе може да се искористи и под кои услови, нема да го зголеми јавниот долг. По растот над 60 отсто на крајот на 2024, јавниот долг сега е стабилизиран на под 58 проценти од БДП.

Од друга страна, се уште е нејасно дали тој британски кредитен аранжман доаѓа со некакви обврски поврзани со мигрантите. И македонските и британските власти негираа, но британските медиуми на големо пишуваа за тоа.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, е ослободен од обвинението

Дејан Дејан

Доживотен затвор за Палевски, Маневски, Кешишев и Видевски за убиствата на Вања и Панче

Дејан Дејан

Ова е предавство, кој и да е, мора да одговара – Виткоф за протекувањето на информации за нападите на САД врз Иран

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе