Судијата Ивица Стефановски денеска треба да ја соопшти пресудата во еден од најмонструозните случаи во поновата историја на Македонија – киднапирањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Главен обвинет е Љупчо Палевски, а заедно со него се обвинети и Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, додека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање.
Обвинителките бараат доживотен затвор за четворицата директно обвинети за убиствата, а соодветна казна за Ѓорчевски. Судската постапка траеше речиси 10 месеци и откри детали што ја потресоа јавноста.
Во завршните зборови, обвинителките истакнаа дека станува збор за свирепо и со умисла извршено убиство, во кое детето било беспомошно, врзано и ладнокрвно ликвидирано. Јавноста слушна за последните моменти на Вања, киднапирана пред лифтот во својот влез, ставена во гепек и однесена во Скопска Црна Гора, каде што била убиена. За Палевски и неговите соучесници, според Обвинителството, младоста и животот на Вања не значеле ништо.
Одбраната, пак, тврди дека дел од обвинетите не знаеле дека ќе дојде до убиство и побара нивно ослободување. Посебна тежина во случајот има обвинението против таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Обвинителството призна дека нема конкретен доказ за комуникација меѓу него и Палевски, но го товари врз основа на сомнежи и несоодветно однесување по исчезнувањето на ќерката. Бранителот посочи дека токму Ѓорчевски бил клучен за расветлување на случајот, за што очекува и ослободителна пресуда.