Вести Македонија

УСС-УКИМ бараат функционални лифтови и топла вода во студентските домови

Додека едниот лифт оди нагоре, другиот не работи, а студентите се принудени да чекаат или да одат пеш по скалите. Дополнително, дел од нив немаат ниту топла вода. Така изгледа секојдневието во некои од студентските домови.

Токму поради ваквите проблеми Универзитетското студентско собрание (УСС) бара сите лифтови да работат и постојано да има топла вода. Тие барања денеска писмено ги доставија до Министерството за образование, до студентскиот дом „Пелагонија“ и до Државниот студентски дом.

„За студентскиот дом „Пелагонија“ бараме да се средат лифтовите и бојлерите за постојано да има проток на топла вода. На почетокот на минатата академска година добивме многу поплаки во врска со тоа и затоа апелираме тоа да се среди пред почетокот на наредната академска година. Во врска со студентскиот дом „Гоце Делчев“ бараме да се средат лифтовите, бидејќи од осум работат само четири, а тоа е голем проблем, бидејќи зградите се многу високи“, објасни Адела Асани од УСС УКИМ.

Од студентскиот дом „Пелагонија“ ни одговорија дека тие проблеми биле во минатото и веќе се решени. Лифтовите се функционални, а има и топла вода за потребите на студентите.

Директорот на Државниот студентски дом Александар Каровски вели дека до крајот на неделата сите барања на студентите ќе бидат решени, бидејќи веќе се работи на нив.

„Во моментов се работи на проблемите и до крајот на месецот ќе се исполнат барањата на студентите. Тоа значи дека сите осум лифта ќе бидат ставени во функција и ќе се санира проблемот со топлата вода во Блок Г“, соопшти Александар Каровски, директор на Државен студентски дом.

Од МОН велат дека постојано се залагаат за студентите и најавуваат дека до крајот на годината ќе бидат реновирани студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“.

Студентите и во минатото укажуваа на проблеми со хигиената и недостиг на основни услови за живот.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Скај њуз“: Се слушаат експлозии над Доха, главниот град на Катар

Дејан Дејан

„Би-Би-Си“: Голема база на САД во Катар под закана од ирански напад

Дејан Дејан

Руте: Не верувам дека нападите на САД врз Иран го прекршија меѓународното право

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе