Македонија влегува во период на екстремно топло време, под влијание на многу топла воздушна маса која се движи од југ, информира Управата за хидрометеоролошки работи. Според најавите, најинтензивниот топлотен бран се очекува од среда до петок, кога дневните температури насекаде низ државата ќе се движат над 30°C, а локално ќе достигнат и до 40°C.
УХМР предупредува дека најтоплите денови ќе бидат четврток и петок, особено во југоисточните и централните делови на земјата, каде што постои опасност од зголемен ризик од пожари. Според најавите, во петок попладне и вечерните часови, дел од територијата може да биде зафатена од локална нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Овие врнежи се очекува да бидат краткотрајни, но може да донесат мало освежување. Промена на времето и пад на температурите за неколку степени се очекува за време на викендот, кога ќе дува умерен до повремено засилен северен ветер, што ќе ја намали жештината, но сепак ќе остане релативно топло.