Вести Македонија

АФЕТ пред предизвик дали ќе го изгласа Извештајот за Македонија

Комитетот за надворшени работи на Европскиот парламент (АФЕТ) утре во 9 часот во втор обид да го усвои Извештајот за Македонија, откако првото гласање беше одложено по бурната реакција на бугарските европратеници. За нив беа спорни амандманите поднесени од групата на Зелените и Европската слободна алијанса, а со кои се бара во извештајот да бидат дополнети неколку члена во кои по наведената обврска за Македонија за усвојување на уставните измени, да се додаде „и истовремено целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет“.

Бугарските европратеници тогаш го обвинија известувачот за Македонија, европратеникот Томас Вајц дека е премногу близок со Македонија, а кои поднесоа амандмани во кои се наведува потребата од внесување на Бугарите во Уставот и почитување на правата на припадниците на бугарското малцинство во Македонија.

Известувачот во Европскиот парламент за Македонија, Вајц побара одложување на гласањето со образложение да им се даде можност на европратениците, пред сè, од редовите на десничарските пратенички групи да ги ажурираат своите лоби-регистри. Вајц притоа рече и дека бил сведок на интензивни политички дебати околу Извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, во чија подготовка до финалната верзија биле вклучени сите пратенички групи во Европарламент.

По одложување на гласањето, Европската слободна алијанса на својата официјална интернет страница објави текст дека проширувањето на ЕУ под притисок, насловен „Бугарија го загрозува европскиот проект за националистичка уцена против Македонците“. Во текстот се наведува дека бугарските европратеници, со соучесништво на Европските народни партии, прават притисок за одлагање на извештајот за Македонија, со цел, како што наведуваат, да ги легитимираат своите националистички цели и да продолжат да го негираат македонскиот идентитет.

„Ова не е само назадување во пристапот на Македонија кон ЕУ, туку и јасна злоупотреба на институциите на ЕУ за внатрешни националистички интереси на државата. Во Европската слободна алијанса, сакаме да ја подигнеме свеста за овие практики. Европскиот проект никогаш не треба да биде загрозен за националистички цели на земјите-членки. Ние им веруваме на пратениците на ЕУ задолжени за подготвување на текстот и сакаме да дадеме вредност на нивната работа, која треба да биде ослободена од притисок и уцена“, се наведува во објавата на Европската слободна алијанса.

Според Алијансата, бугарската држава одбива да го признае македонскиот идентитет, што е главниот проблем што историски влијаел на односите меѓу двете страни и кој, според неа, го користи Бугарија за да ја блокира Македонија од започнување преговори за членство во ЕУ.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судар на мотор и автомобил на раскрница на Партизанска- викендот имало зголемен број на повредени во сообраќајни несреќи

Дејан Дејан

Арсовски: Ударот на САД врз Иран, од воен аспект, е ремек дело, тоа што нема радијација и жртви укажува дека нуклеарниот материјал бил евакуиран

Дејан Дејан

Катар: Иранскиот напад врз американската база мина без жртви и повредени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе