Израелскиот претседател Исак Херцог во серија изјави и интервјуа за западните медиуми порача дека американскиот напад врз иранската нуклеарна програма, односно бомбардирањето на трите најголеми постројки во Фордо, Натанз и Исфахан е историска и храбра одлука.
Херцог не сакаше да шпекулира дали трите капацитети се уништени, туку рече дека е повеќе од јасно оти со американските напади е нанесен тежок удар во иранската нуклеарна програма.
Израелскиот претседател исто така не сакаше да одговори дали ова значи оти Израел ќе престане да го бомбардира Иран, посочувајќи дека Техеран продолжува да лансира ракети кон неговата земја.
Што се однесува до тоа како Израел ги убеди САД да интервенираат, Херцог инсистираше дека Тел Авив официјално не побарал ниту пак вршел некаков притисок врз Вашингтон, туку оставил Белата куќа сама да одлучи што е најдобро за глобалната безбесност.