Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „ Пулс“ на 16 март, и денеска, како и изминатите 9 пати маршираа низ градот, а незадоволството за загубата на нивните најмили поради, како што рекоа, ненавремената реакција на надлежните институции, го изразија со свирежи и извици „уа“ пред кафулето на газдата на „ Пулс“ , пред Општина Кочани, а особено беа гласни пред полициската станица и пред судот и обвинителството.
Тие побараа средба со ОЈО-ГОК, а од министерот за внатрешни работи Тошковски да им одговори зошто полицијата правела контрола во објект кој не смеел да работи без лиценца и со блокирана сметка и дали полицајците кои вечерта кога се случил пожарот вршеле контрола во објектот за откривање дрога, постапиле законски.
Пред кочанската полициска станица мајката истури прашкаста материја, алудирајќи на дрогата што се барала таа вечер од присутните во дискотеката. Тука се обрати и еден татко на загинато дете во пожарот, кој кажа дека полицијата во Кочани ги заплашува младите да не сведочат во истрагата за случајот.
А, пред кочанскиот суд и обвинителството, родителите побараа одговори од обвинителите, зошто УЈП не го затворила објектот кој работел со блокирана сметка 217дена.
Пред два дена родителите на загинатите во пожарот беа во ОЈО-Кочани на увид на поднесеното обвинение со кое се опфатени 34 физички и 3 правни лица.
За следниот протест родителите побараа поголема масовност од цела Македонија, за да, како што рекоа, не им се случи истата трагедија и на нивните деца.
Сотир Трајков