Во загуби и со нов кредит од банка, ЕСМ плати 68 милиони денари или 1,1 милиони евра за последната набавка на струја на ЕСМ со која треба да се покријат потребите на домаќинствата заклучно со понеделник.
Според резултатите од огласот, за периодот 21 – 23 јуни набавени се вкупно 12.240 мегават часови струја по просечна цена од 89,8 евра за мегават час.
Се купува струја од шест компании кои понудија цени од 87,8 до 91.8 евра за мегават час а набавките се движат од 504 до 3.600 мегават часови струја.
Најмногу ќе инкасира фирмата “ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје“ од која ЕСМ купува 3.600 мегават часови струја по цена од 89.85 евра или вкупно 323 илјади евра. Следува „Протергија енерџи ДООЕЛ“ која на ЕСМ му продава 2.880 мегават часови струја за што ќе инкасира 255 илјади евра.
На останатите четири фирми ЕСМ ќе им исплати од 45 до 217 илјади евра.
На берзата „ХУПЕКС“, цената на струјата денес се движи од 27 до 73 евра за мегават час во зависност од периодот на денот додека за утре се движи од негативни 7 евра до максимални 46 евра за мегават час.
Доколку се погледне домашната берза за тргување со електрична енергија МЕМО, утре цената на струјата се движи од 19 до 57 евра за мегават час во зависност од периодот на денот.
Набавката на струја доаѓа откако во четвртокот наутро во РЕК Битола во испад е единствениот блок кој беше во функција за кој раководството тврди дека било саботажа, но тоа засега не е потврдено од истражните органи кои направија увид.
Во понеделникот ЕСМ стави потпис на новиот заем од 30 милиони евра од „ХАЛК Банка“.
Кредитот е со каматна стапка од 4,2 проценти а гаранција за заемот е Министерството за финансии односно ако компанијата не може да го враќа, тоа ќе го направи државата.
Рокот за враќање на кредитот е до 2035 година.
Директорот на ЕСМ, Узунчев на брифинг со новинарите објасни дека средствата се потребни за плаќање на доспеани обврски и за ликвидност на компанијата која извесен период е нарушена.
Според, последните податоци на финансии, во првиот квартал годинава ЕСМ има доспеани, а не платени обврски од речиси 60 милиони евра.
ЕСМ минатата година ја заврши со загуба од 123 милиони евра а подигна и кредит од 82 милиони евра од неколку домашни банки.
Огнен Чанчаревиќ