Кошаркарската Евролига во сезоната 2025/26 ќе брои рекордни 20 тимови. Во натпреварувањето се приклучуваат три нови екипи, а српските гиганти Партизан и Црвена Ѕвезда добија тригодишни вајлд-карти.
Од 18-те екипи кои настапуваа минатата сезона, единствено Алба Берлин нема да биде дел од новата сезона – германскиот клуб реши да се пресели во ФИБА Лигата на шампиони. Нови учесници се Дубаи и Хапоел Тел Авив, шампионот на Еврокупот, додека Валенсија се враќа по кратка пауза.
На собирот на акционерите, Евролигата одлучи да им додели тригодишни вајлд-карти на Партизан, Црвена Ѕвезда, Валенсија и Виртус Болоња. Дубаи, пак, доби петгодишна покана и ќе биде дел од елитата до 2030 година.
Новата сезона започнува на 30 септември, а завршниот турнир (Фајнал фор) ќе се одржи од 22 до 24 мај 2026. Евролига објави и една важна промена: на Ф4 веќе нема да се игра натпревар за третото место – ќе се одиграат само двете полуфиналиња и финалето.