Лос Анџелес Лејкерс добива нов сопственик по речиси половина век. Семјеството Бас, кое е на чело на клубот од 1979 година, се согласи да го продаде мнозинскиот удел за рекордни 10 милијарди долари на американскиот милијардер Марк Волтер.
Со оваа зделка, Лејкерс стануваат најскапиот спортски тим во историјата на САД, надминувајќи ја неодамнешната продажба на Бостон Селтикс за 6,1 милијарда долари.
Марк Волтер веќе е дел од сопственичката структура на Лејкерс од 2021 година, кога купи 20% од акциите. Со новата зделка ќе ја добие целосната сопственичка контроло, додека семејството Бас ќе задржи околу 15% и останува инволвирано во управувањето со клубот – Џени Бас ќе продолжи како претседателка на тимот.
Волтер е добро познат во спортските кругови. Тој е главен сопственик на бејзбол тимот Лос Анџелес Доџерс, има удел во фудбалскиот клуб Челси, како и во новиот Формула 1 тим Кадилак, а е инволвиран и во женската хокеарска лига. Неговото лично богатство се проценува на над 12 милијарди долари.
Џери Бас го купи клубот во 1979 година за тогашни 67,5 милиони долари и постави темели на една од најуспешните франшизи во НБА. Под водство на семејството Бас, Лејкерс одиграа 17 финалиња и освоија 11 шампионски титули. По неговата смрт во 2013 година, акциите преминаа на неговите шест деца, кои до денес го водеа клубот.