Вести Свет

Израел и Иран ги интензивираа меѓусебните напади

Најмалку 89 лица беа повредени, откако иранска ракета погоди болница во градот Бершеба во јужен Израел и станбени згради во градовите Рамат Ган и Холон во централниот дел на земјата. Техеран соопшти дека мета на нападот бил воен објект во близина на болницата, но Израел обвини дека Техеран намерно бомбардира цивилни цели, посочувајќи ја болницата Сорока како пример.

„Тоа што Иран напаѓа цивилни центри со балистички ракети за нас не е изненадување. Тие веќе со децении отворено ја изјавуваат својата желба да ја уништат израелската држава. Тоа не се само зборови. Изминативе шест денови, Иран лансираше повеќе од 450 балистички ракети и стотици беспилотни летала“, изјави бригадниот генерал Ефи Дефрин, портпарол на ИДФ.

Израелскиот владин врв гневно реагираше на иранскиот напад кој досега ѝ нанесе најголема штета на еврејската држава. Министерот за одбрана, Израел Кац по денешните напади, порача дека иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи не смее да остане жив.

„Ние одлучивме кои се целите на војната. Целите се елиминација на нуклеарната закана и ставање крај на ракетната закана. Покрај тоа, на армијата ѝ беше наредено и знае дека за постигнување на овие цели, овој човек апсолутно повеќе не смее да постои“, рече Израел Кац, министер за одбрана на Израел.

Во текот на ноќта, Иран го изврши досега најголемиот ракетен напад врз Израел, лансирајќи помеѓу 20 и 30 балистички ракети во два брана. Болницата Сорока била погодена во вториот бран, околу 7 часот утрото. Претходно, израелското воено воздухопловство бомбардираше повеќе локации во Иран, меѓу кои и комплексот за производство на тежок водород во Арак.

„Утрово, околу 6 часот, бевме сведоци на очигледна агресија од страна на режимот убиец на бебиња. Противвоздушната одбрана жестоко одговори и само два проектила на непријателот ја погодија областа околу нуклеарниот објект Шохадаје Кондаб“, јави репортер на иранската државна телевизија.

Имајќи во предвид дека голем дел од израелските напади врз Иран се фокусирани токму на нуклеарната програма, експертите смируваат дека нема опасност од нуклеарна хаварија како Чернобил или Фукушима, затоа што во овие инсталации нема нуклеарни реактори, туку нивната функција е производство на гориво за реакторите.

„Многу од вниманието беше фокусирано на иранската нуклеарна програма, бидејќи збогатува ураниум до 60 проценти. Тоа е само мал технички чекор до потребните 90 проценти за оружје. Но, реакторот за тешка вода работи на поинаков начин. Произведува плутониум како нуспроизвод, а плутониумот е гориво за атомско оружје“, вели Џон Гамбрел од Асошиејтед прес.

Во меѓувреме, американските медиуми објавија дека претседателот Доналд Трамп го одобрил планот за воздушни напади врз Иран, но за неговото спроведување ќе почека дали режимот во Техеран сам ќе се откаже од нуклеарната програма.

Во секој случај, САД продолжуваат со зголемување на военото присуство во регионот, откако суперносачот „УСС Џералд Форд“ од американскиот источен брег беше испратен во Средоземното море. Ова е трет американски носач кој Вашингтон го распоредува во овој дел од светот, што навестува дека сериозно се подготвува за интервенирање во конфликтот на страната на Израел.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Димитров: Моите критичари ми понудија да бидам амбасадор во Вашингтон или да бирам земја, меѓудругото за да ме замолчат

Дејан Дејан

Димитров: Комесарот Вархеји имаше исклучително негативна улога, немаше друг претставник на ЕУ што се залагаше за мешање на пристапниот процес со еден тежок спор

Дејан Дејан

Преспанскиот договор беше злоупотребен во политичкиот наратив дома и веројатно погрешно пласиран – Димитров во „Вин-Вин“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе