Вести Најважни Свет

Израел ликвидирал уште еден висок ирански воен офицер

Израел и Иран продолжија да разменуваат воздушни напади, иако на петтиот ден од почетокот на конфликтот е забележлив смалениот интензитет.

Израелската армија соопшти дека ликвидирала уште еден висок ирански воен офицер. Станува збор за генералот Али Шадмани, шефот на Централниот штаб на Исламската Револуционерна гарда, кој минатата недела на функцијата го замени Голамани Рашид, откако и тој беше ликвидиран од Израел.

„Исклучителните резултати на Израел во операцијата „Разбудени лавови“ продолжуваат да се редат. Утрово бевме информирани дека нашите сили го елиминирале шефот на иранскиот Генералштаб, Али Шадмани, откако неговиот претходни беше елиминиран во почетните фази на операцијата. Сѐ уште не знаеме кој ќе ја замени замената. Му препорачувам на тој што ќе му биде понудена улогата сериозно да размисли, и ако прифати, треба да биде исклучително внимателен“ изјави Гидеон Саар – Министер за надворешни работи на Израел.

Иран одговори со лансирање на 30 ракети, од кои поголемиот дел беа пресретнати од израелските противракетни системи. Но, тие што не беа пресретнати паднаа во близина на Тел Авив и Ерусалим, и според израелските власти со полесни повреди од шрапнели се здобиле само 5 лица. Техеран инсистира дека дејствува во самоодбрана и го обвини Израел дека убива цивили.

„Израелските тврдења за хируршки прецизни напади се лажни и невистинити. Напротив, тие започнаа кампања на незаконски и неселективни напади врз цивилната инфраструктура во Иран. Цивили беа убиени, домови, болници и друга цивилна инфраструктура уништени. Ова се факти, а не тврдења“ рече Амир Саид Иравани – Постојан претставник на Иран во ООН.

Откако вчера му порача на Иран дека не гледа начин како може да победи во војната со Иран и дека треба да преговара пред да биде предоцна, американскиот претседател го напушти самитот на Г7 во Канада после првиот ден. Објавувајќи ја одлуката на социјалните мрежи, Трамп ги отфрли тврдењата дека го напуштил самитот за да работи на постигнување мировен договор меѓу Израел и Иран. Американскиот претседател порача дека станува збор за нешто многу поголемо од тоа и повика на евакуација на иранската престолнина.

„Крај, вистински крај а не примирје. -Возможно е такво нешто? Да. Или сосема да се откажат. И тоа е во ред. -Блиску сте до такво нешто, возможно е тоа во следните 24 часа? Зошто да не. Секако дека е возможно“ изјави Доналд Трамп – Претседател на САД.

По пет дена од почетокот на нападите, нивниот интензитет и реториката која двете страни ја користат посочуваат дека дипломатската разрешница е далечна можност. Колони возила продолжуваат да го напуштаат Техеран, а голем број држави им препорачаа или веќе започнаа да ги евакуираат своите граѓани од регионот.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Дурмиши: Даваат резултат мерките кои ние ги донесовме

Дејан Дејан

Израел му се закани на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи

Дејан Дејан

Трамп со порака до режимот во Техеран: БЕЗУСЛОВНО ПРЕДАВАЊЕ!

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе