Истрагата за пожарот во Кочани како и проверката на полициската работа на началниците е под обвинителството и се им е предадено, вели првиот човек на Бирото за јавна безбедност. Досега не е опфатен ниту еден полициски началник или службеник кој имал позиција или бил на служба кога се случи пожарот, а 14 припадници на полицијата се осомничени но за стари дела.
Во материјалот доставен до обвинителството се и доверливите информации за акциската контрола која се случувала ноќта на кобниот пожар во Пулс, а Јанев поради доверливоста на истрагата не открива зошто на терен не биле и пазарни, трудови и инспектори на УЈП.
ТЕЛМА: Дали биле повикани и ако биле повикани, зошто не дошле или пак воопшто не биле повикани?
-Ако е прашањето за конкретната вечер, сите планови за постапување тој ден кога се случи критичниот настан, кобниот трагичен настан, се е доставено до јавното обвинителството. Се што е побарано, но и она што е проверено, се е доставено до специјализираното одделение на ОЈО ГОКК. Од наша страна се вршени екстракции на податоци од мобилни уреди, вршена е анализи на телефонски уреди и се е доставено до обвинителство, одговори Александар Јанев, директорот на Бирото за јавна безбедност.
Јанев тврди дека за сите полицајци кои според неговите зборови учествувале на партиски собиранки, има постапка во внатрешната контрола на МВР бидејќи законски е забранета таква полициска активност.
Во таа група би требало да биде и полициски началник кој учествувал на штапски состанок на партискиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ лани пред избори за да слуша мотивациски говор на пратеник. Тој досега не е осомничен, а за време на пожарот бил на висока позиција во кочанската полиција.
За партиските врски на друг осомничен, универзитетскиот професор Александар Нацев кој е притворен како реален сопственик на агенцијата Рубикон која без договор го обезбедувала Пулс, премиерот вели дека тој одамна не е партиски активен.
-Александар Нацев бил дел од владата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2016-2017 година, обавувал некаква функција во тој период и тоа е последното нешто што го познавам и го поврзувам со Александар Нацев. Го охрабрувам Обвинителството да продолжи и понатаму да работи и доколку кои било мислат дека имаат каква било одговорност во овој случај, зборуваме за ужасната трагедија во Кочани, да дејствува. Ние ќе им помогнеме, изјави премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во 2017-та, Нацев одржувал и партиски прес конференции, а бил и директор на ДБКИ до промената на власта во 2017-та. Во јануари оваа година е избран за професор на Воената Академија и е вработен преку Министерството за одбрана. Одбрана ќе чека официјално известување за притвор од обвинителството по што ќе преземат соодветни законски мерки.
Рубикон пак има повеќе тендери за обезбедување на училишта и државни органи во Скопје, Кочани и Прилеп, а сите зделки агенцијата ги добила по промената и доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт.
Миомир Серафиновиќ