Националната гарда доби наредба да ги обезбедува агентите на Имиграциската служба за време на апсењата во Лос Анџелес што е проширување на нивните должности што досега беа ограничени на заштита на федералната сопственост.
Градот Лос Анџелес се наоѓа под облак на неизвесност, додека јавноста се прашува каква ќе биде улогата на испратените Маринци и војници на Националната гарда, повикани од претседателот Доналд Трамп поради протестите против имиграциските рации.
Командантот на Маринците изјави дека 700 маринци се пристигнати во областа, но досега не биле ангажирани за сузбивање на протестите и се таму само за заштита на федерални службеници и објекти. Вчера попладне низ Лос Анџелес беа уапсени повеќе демонстранти.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, изјави дека претседателот Доналд Трамп „влече воена мрежа“ низ Лос Анџелес, предупредувајќи дека распоредувањето на речиси 5.000 војници, вклучувајќи Национална гарда и маринци, претставува сериозна закана за демократијата.
Њусом истакна дека Трамповата кампања против имиграцијата одамна ја надминала границата на апсење криминалци – и дека меѓу уапсените се и работници, градинари, шивачки.
Њусом вчера побара федерален суд итно да го блокира користењето на Националната гарда и маринците во имиграциските рации, предупредувајќи дека тоа само ќе ги зголеми тензиите и ќе предизвика немири. Судењето е закажано за утре.
Локалните власти, вклучувајќи го и шефот на полицијата, велат дека военото присуство ја отежнува работата на полицијата и го поттикнува незадоволството меѓу граѓаните.